Повеќе од 60 илјади фанови ќе имаат можност во Тексас да ја следат борбата меѓу поранешниот светски шампион, 58-годишниот Мајк Тајсон и 27-годишниот јутјубер Џејк Пол. Милиони гледачи ќе го гледаат спектаклот на малите екрани преку Нетфликс, што ќе овозможи пренос во живо.
“Без разлика колку години имам, овој човек има само 10 борби. Можам да бидам на 10 проценти од она што бев порано. Тој има само 10 борби и не може да го достигне тоа”, рекол Тајсон.
Откако ги победи Андерсон Силва, Нејт Дијаз, Тајрон Вудли и Бен Аскрен, со рекорд од 10-1 откако стана професионалец, Џејк Пол истакнува дека секој треба да го види очигледното – дека е добар боксер.
„Многумина се сомневаат во мене, велат дека е „наместено ако победи Џејк“. Годините се само бројка, Тајсон е убиец и воин. Тој го прави ова цел живот, па сето тоа е природно. Од друга страна, ова го правам веќе четири години и работам на супер-високо ниво, за да покажам дека можам да бидам подобар во боксот од Мајк Тајсон.“, изјавил Пол.
Натпреварот треба да започне околу 02:00 часот по македонско време и ќе трае најмногу осум рунди, но со одредени измени. Наместо три минути, секоја рунда ќе трае по две. И двајцата ќе носат потешки ракавици. Наместо ракавиците од 10 унци кои се стандардни во професионалниот бокс, борците ќе носат многу подебели и побезбедни ракавици од 14 унци, што покажува дека безбедноста е на прво место.
Тајсон, некогаш најдоминантниот боксер во светот, во кариерата забележа 50 победи од кои 44 со нокаут и шест порази, а неговиот 31 година помлад ривал има десет триумфи (седум со нокаут) и еден пораз во професионалниот бокс, забележан против единствениот вистински боксер со кој се соочи (Томи Фјури, брат на Тајсон Фјури). Иако е главно потценет и со добра причина затоа што практично тој ги одбра своите борби, не може да се каже дека Пол не знае да боксува.
Нивната борба ќе донесе астрономски профит односно секој од борците потпишал договор кој им гарантира 37,4 милиони евра.