Младата фудбалска репрезентација на Македонија поразена од Косово


Македонската фудбалска репрезентација загуби од соодветната селекција на Косово со конечни 1-3 во пријателскиот натпревар кој се одигра на тренинг центарот „Петар Милошевски“ во Скопје.

Нашите надежи подобро го отворија мечот и поведоа со голот на Никола Величковски во 18. минута, кој доби одлична топка во шеснаесетникот и биеше силно со левата нога, но гостите успеаја да израмнат десет минути подоцна преку Аријанит Фазлија, кој го постави резултатот на паузата (1-1).

Второто полувреме донесе многу поангажирана игра на Косовците, кои во продолжение успеаја уште двапати да ја затресат нашата мрежа, а точката на победата беше ставена во 89. минута, кога нашата одбрана беше невнимателна при еден корнер на гостите. Куртиши и Куканај ги постигнаа головите за нашиот противник.

На крајот Косово победи со конечни 1-3, а нашите момчиња за три дена повторно ќе одиграат уште една „контролка“ против истиот ривал.

Фото: ФФМ

- Реклама -