Израелскиот МНР: Проектот палестинска држава не е релаен

Желбата за формирање палестинска држава „не е реална во овој момент“, изјави денеска израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Сар на прес-конференција во Ерусалим.

– Дали да ви одговорам со еден збор? Не“, одговори Сар, на прашањето за изгледите за рестартирање на т.н. Абрахамски договори по изборот на Доналд Трамп за претседател на САД и можноста за нормализирање на односите меѓу Израел и Саудиска Арабија во замена за создавање палестинска држава.

Договорите, кои ги промовираше Трамп за време на неговиот прв мандат, овозможија нормализирање на односите меѓу Израел и неколку арапски земји – Бахреин, Обединетите Арапски Емирати и Мароко.

– Палестинска држава (…) би била држава на Хамас. И мислам дека таков проект денес не е реален, и ние мора да бидеме реални, додаде Сар.

Израелскиот министер ова го изјави во говор одржан по повод почетокот на вонредниот самит во Ријад на членките на Арапската лига, пан-арапска организација која обединува 22 земји и Организацијата за исламска соработка (ОИЦ), панисламска организација во која членуваат повеќе од 50 муслимански земји.

Според официјалната саудиска новинска агенција СПА, учесниците на самитот ќе разговараат за „продолжувањето на израелската агресија на палестинските територии и Либан“, додека Ријад се залага за нов „меѓународен сојуз“ чија цел е промовирање на воспоставување независна и суверена палестинска држава.

Прочитајте и:  Борел предложи ЕУ да го прекине политичкиот дијалог со Израел

Сар на прес-конференцијата потсети на мировниот процес од Осло кој почна во 1990-тите. Тој процес и едностраното израелско повлекување од Појасот Газа во 2005 година „не само што (…) не донесе мир, туку, како што видовме, ја загрози нашата безбедност“, рече тој.

Хамас ја презеде власта во Газа во 2007 година, по повлекувањето на Израел, и сега „не сакаме тоа да се случи во Јудеја и Самарија“ (името што Израелците го користат за Западниот Брег, кој Израел го окупираше по 1967 година), рече Сар.

На првата прес-конференција одржана откако ја презеде новата функција пред неколку дена, Сар смета дека е важно да потсети дека, за разлика од ОН, Израел не ги смета „Јудеја и Самарија за окупирани територии, туку за спорни територии“.

Меѓу трите милиони Палестинци, таму живеат неколку стотици илјади еврејски доселеници.

- Реклама -