Костадиновски: Не се доведува под закана законот за јазиците, туку само примената – како се операционализира

Како Уставен суд, за да ги амортизираме сите обвинувања за етничко и политичко постапување, сме подготвени со колегите да ги разубедуваме политичарите и воедно да се обратиме на граѓаните дека нашите одлуки се уставни, изјави претседателот на Уставен суд, Дарко Костадиновски.

На вечерашното гостување на Канал 5 телевизија, на прашање во врска со постапувањето со законот за јазиците, кое беше најавено дека треба да биде на седница во октомври, Костадиновски одговори дека пролонгирањето е поради меѓународната агенда на судиите. Тој потенцираше дека не се доведува под закана законот, туку само неговата примена.

– Пролонгирањето е поради меѓународната агенда, и моја, и на дел од судиите. Тоа е предмет за кој постои заклучок дека ќе одлучува полн состав, рече тој.

Прашан што доколку тројцата судии од немнозинските заедници не дојдат, тој одговори дека не сака да верува во такви сценарија.

– Не сакам да верувам во такви сценарија. Но, неспорен факт е дека јас како претседател на судот сум обврзан со заклучок на судот, се додека е на сила дека тој и уште неколку предмети мора да се одлучуваат во полн состав, се додека не се донесе нов заклучок, дополни Костадиновски.

Прочитајте и:  Османи: Секое загрозување на правата на Албанците во С. Македонија ќе наиде на решително противење и единство на Албанците од цел Балкан

Увери дека никој не треба да биде вознемирен од постапките на Уставниот суд, а во однос на прашањето дали има атмосфера да се слушнат правните аргументи за овој закон, тој одговори дека ќе ги исцрпат сите алатки што им стојат на располагање.

– Ние како судии ќе ги исцрпиме сите алатка што ни стојат на располагање. Сите опции се во игра, и подготвителна седница за материјалниот дел. Во тие 13 иницијативи има многу суштини на оспорување. Не се доведува под закана законот за јазиците, туку само примената, како се операционализира, рече Костадиновски.

Во моментов, Уставниот суд разгледува 13 иницијативи кои се однесуваат на Законот за употреба на јазиците. Донесен во 2018 година, законот предвидува албанскиот јазик да биде службен јазик во сите органи на државната власт.

- Реклама -