Прашањето е, велат од опозициската партија, дали ВМРО-ДПМНЕ намерно се изживува врз граѓаните заради пиар
Срамно понижување, според опозицискиот СДСМ, денеска им приредила владејачката ВМРО-ДПМНЕ на граѓаните кои од утринава во долги редици чекаа пред Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје за да ги подигнат ваучерите за инвертер-клими што ги доделува Министерството за енергетика.
Од опозициската партија го споменаа и случајот со човекот кој се онесвести чекајќи во редот.
„Од 2017 до 2021 година и градоначалниците на СДСМ имаа огласи за инвертери, но никогаш немало гужви и понижување врз граѓаните. СДСМ кога ги доделуваше ваучерите имаше систем без чекање, граѓаните имаа опција по пошта или лично во подолг временски период да ги подигнат. Сега ВМРО-ДПМНЕ се правда дека немало време за пошта, што воопшто не е точно. Но секако, ова е јасна потврда дека заради нивната неспособност граѓаните мора да мрзнат и се туркаат“,
наведуваат од СДСМ во писмената реакција.
Прашањето е, велат од опозициската партија, дали ВМРО-ДПМНЕ намерно се изживува врз граѓаните заради пиар.
Поради недоволна координираност при информирањето на граѓаните, утрово пред салата „Борис Трајковски“ во Скопје, скопјани формираа долга редица во која чекаа да подигнат ваучери за клими (инвертери) кои ги доделува Министерството за енергетика.
Веројатно најзагрижувачкиот момент при целата организација беше што на повозрасен жител на Гази Баба, кој рече дека дошол сам без придружба да го подигне ваучерот, му се слоши. Веднаш реагираа луѓето околу него кои му помогнаа да смогне сили и да ја причека Брзата помош.