Никогаш нема да се откажам од борбата за слобода и правда, порача Харис и го призна изборниот пораз

Обраќајќи им се на своите поддржувачи, особено на младите, Харис ги повика да не се откажуваат и очајуваат. Ги повика мирно да ги прифатат изборните резултати, а новоизбраниот претседател Доналд Трамп на мирен трансфер на власта

Актуелната потпретседателка на САД и претседателска кандидатка од редовите на демократите, Камала Харис, официјално го призна изборниот пораз. Во своето прво обраќање по објавата на изборните резултати, Харис рече оти го признава поразот, но дека не се откажува од борбата за слобода и правда.

„Основниот принцип на американската демократија е дека кога ќе изгубиме избори, ги прифаќаме резултатите. Тој принцип, како и секој друг, ја разликува демократијата од монархија или тиранија“,

рече Харис во своето обраќање и додаде оти секој што бара доверба од јавноста мора и да ја почитува.

Актуелната потпретседателка на САД и демократска кандидатка за претседателка, Камала Харис / Фото: EPA-EFE/JIM LO SCALZO

Порача дека и покрај поразот ќе остане доследна на својата посветеност да се бори за слободата, можностите, правичноста и достоинството на сите луѓе. Рече дека никогаш нема да се откаже од борбата за иднина во која Американците ќе може да ги остварат своите соништа и амбиции.

„…Иднина во којашто жените во Америка имаат слобода да донесуваат одлуки за своето тело, а нивната влада да не им кажува што да прават. Никогаш нема да се откажеме од борбата да ги заштитиме нашите училишта и нашите улици од оруженото насилство“,

рече Камала Харис во својот говор.

Обраќајќи им се на своите поддржувачи, особено на младите, Харис ги повика да не се откажуваат и очајуваат.

„Никогаш не престанувајте да се обидувате да го направите светот подобро место. Не е време да креваме раце, туку да ги засукаме ракавите. Ова е време да се организираме, да се мобилизираме и да останеме ангажирани заради слободата, правдата и иднината што сите знаеме дека можеме да ја изградиме заедно“,

рече таа.

Харис ги повика поддржувачите мирно да ги прифатат изборните резултати, а новоизбраниот претседател Доналд Трамп на мирен трансфер на власта.

Знам, рече Харис, дека многу луѓе се чувствуваат како да влегуваме во мрачно време.

„Но, за доброто на сите нас, се надевам дека не е така“,

изјави потпретседателката на САД и додаде „само кога е многу темно можеме да ги видиме ѕвездите“.

Претходно денеска Харис телефонски му честиташе на новоизбраниот претседател, републиканецот Доналд Трамп. Му порача да биде претседател на сите Американци.

- Реклама -