СДСМ и ДУИ прво да се покажат на локалните избори, па ќе видиме дали има потреба од предвремени парламентарни избори, вели Мицкоски

„Оваа влада има четиригодишен мандат добиен од граѓаните, а со тоа има и легитимитет. Треба да ги засукаме ракавите и да работиме за доброто на сите граѓани. Ако влегуваме во такво вертиго, нема да ги постигнеме целите, а наша цел е да донесеме нешто добро за граѓаните. А, дали сме подготвени утре да одиме на избори, да, подготвени сме. Но, носиме одлуки што се во интерес на граѓаните, не на оние што се љубители на естрада“, вели премиерот

ВМРО-ДПМНЕ уште утре е подготвен да оди на избори. Но, прашањето е дали треба да потрошиме уште 10 милиони евра, да застане системот, да не испорачуваме реформи и СДСМ уште еднаш се соочи со голем пораз, или да ја избереме опцијата во следните четири години да работиме за доброто на граѓаните. Ова денеска го изјави премиерот Христијан Мицкоски по посетата на Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, коментирајќи ја можноста следната година заедно со локалните да се одржат и предвремени парламентарни избори, како и дали за него се прифатливи предвремени избори ако СДСМ иницира распуштање на Собранието.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска ја посети Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ / Фото: Принтскрин

„Оваа влада има четиригодишен мандат добиен од граѓаните, а со тоа има и легитимитет. Треба да ги засукаме ракавите и да работиме за доброто на сите граѓани. Ако влегуваме во такво вертиго, нема да ги постигнеме целите, а наша цел е да донесеме нешто добро за граѓаните. А, дали сме подготвени утре да одиме на избори, да подготвени сме. Но, носиме одлуки што се во интерес на граѓаните, не на оние што се љубители на естрада“,

рече тој.

Коментирајќи ја новинарската констатација дека СДСМ и ДУИ се подготвени да одат на предвремени избори, рече оти не верува дека тоа е прифатено од нивна страна додавајќи „видовме како потонаа во собраниските столчиња кога практично ги извадивме на површина“.

Посочи дека кампања за локалните избори ќе има за десетина месеци, па тогаш ќе се види кој до каде е.

„Би им посакал и на двете поголеми опозициски партии, во својата опозициска коалиција, тие две политички партии заедно со една помала политичка партија да се освежат програмски и кадровски и тоа да го покажат на следните локални избори. Тогаш ќе зборуваме дали ќе имаме потреба од предвремени парламентарни избори“,

вели Мицкоски.

Повикот за предвремени избори Мицкоски го упати минатата недела на собраниска седница посветена на пратенички прашања одговарајќи на пратеничко прашање од лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кој го повика премиерот да се повлече од функцијата бидејќи, како што рече, ги погазил своите ветувања.

„Велевте дека ќе го вратите мандатот ако некогаш кажете ‘северна’. Е ајде, премиере, еве сега шанса во Собранието да го вратите мандатот. Со ова покажавте дека вашата политика нема никаков рбет“,

рече Филипче.

Мицкоски, пак, на ова го повика на изборно соочување.

„Ако сакате да одиме на избори, да се провериме заедно со локалните (избори), може да одиме. Ако сакате, одма сега да ја договориме работата. Но, да не се удавите во длабокото, каде што ве носат“,

рече Мицкоски во одговорот.

Поврзани вести:

Ахмети за предлогот на Мицкоски за предвремени избори: Се гледаме во октомври, подготви се добро

Филипче: СДСМ е подготвен да оди на какви било избори

Меџити: Досега немало постабилна влада и поголемо мнозинство од ова, изјавата на Мицкоски за избори беше извадена од контекст

- Реклама -