Лидерите на ЕУ му ја честитаа изборната победа на Трамп

Претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен му ја честитаа победата на републиканскиот кандидат Доналд Трамп на вчерашните претседателски избори во САД.

– Честитки до новоизбраниот претседател Доналд Трамп. ЕУ и САД имаат траен сојуз и историска поврзаност. Како сојузници и пријатели, ЕУ со нетрпение очекува да ја продолжи нашата конструктивна соработка, наведе Мишел во честитката објавена на Икс.

Во објавата тој натаму додава дека ЕУ ќе го продолжи својот курс во согласност со стратешката агенда како силен, обединет, конкурентен и суверен партнер во одбрана на мултилатералниот систем заснован на правила.

Фон дер Лајен, пак, во писмена изјава порача дека „срдечно му честита“ на Трамп за неговиот избор за 47-ми претседател на САД и дека со нетрпение очекува повторно да работи со него за унапредување на силната трансатлантска агенда.

Прочитајте и:  Трамп: Ова ќе биде златното доба на Америка

– Европската унија и САД се повеќе од обични сојузници. Ние сме обврзани со вистинско партнерство меѓу нашите луѓе, обединувајќи 800 милиони граѓани, наведе Фон дер Лајен.

Според неа, оваа врска меѓу ЕУ и САД е длабоко вкоренета во нивната заедничка историја, посветеноста на слободата и демократијата и заедничките цели за безбедност и за можности за сите.

– Дозволете ни да работиме заедно на трансатлантското партнерство кое продолжува да испорачува за нашите граѓани. Милиони работни места и милијарди во трговијата и инвестициите на секоја страна од Атлантикот зависат од динамиката и стабилноста на нашите економски односи, потенцира претседателката на ЕК.

- Реклама -