Таравари смета дека ДУИ ги губела изборите од 2011 година, односно дека опозициските партии од албанскиот политички блок секогаш имале повеќе гласови од ДУИ
Кариерата на Али Ахмети ќе заврши по локалните избори следната година, оценува министерот за здравство и прв човек на Алијанса за Албанците Арбен Таравари кој смета дека лидерот на ДУИ веќе неколку пати ги изгубил изборите, и тоа прво уште во 2011 година.
„Реално, господинот Ахмети ги загуби изборите уште во 2011 година. Трите тогашни албански опозициски партии кои не успеаја да се обединат, мислам на ДНП, НД и ДПА имаа повеќе гласови од ДУИ. Практично, необединувањето на овие опозициски партии му овозможи на Ахмети малку повеќе гласови. Во 2016 година Беса, ДНП, НД-ДПА, Обединување и ДПА имаа многу повеќе гласови од Ахмети, но повторно тој успеа со механизмите што ги има да го оневозможи обединувањето на албанската опозиција“,
рече Таравари во „Клик плус“ на ТВ 21.
Според него, апсурдно е само пет месеци по изборите повторно да има нови избори.
„Пет месеци по изборите, повторно барање за избори, мислам дека е одреден проблем што треба да го има господинот Ахмети како храна за своето членство. На почетокот ‘знаеше’ дека ‘Вреди’ нема да може да влезе во владата. Затоа што има ‘црвен телефон’ и некој ќе му се јави на господинот Ахмети и тој ќе стане дел од владата. Потоа велеа дека оваа власт нема капацитет да издржи ни 100 дена. Поминаа 100 дена и сега велат дека оваа Влада нема да издржи до Нова година“,
рече Таравари.
Барањето на коалицијата „Вреди“, Ахмети да си даде оставка доколку изгуби на локалните избори, се интензивира откако од коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУ, побараа „Вреди“ да се повлече од Владата на премиерот Христијан Мицкоски и да ја одведе земјава на предвремени парламентарни избори. Одговорот на Ахмети беше дека ако има и еден глас помалку на локалните избори, ќе си поднесе оставка од позицијата прв интегративец.
Од коалицијата „Вреди“ сметаат дека лидерот на ДУИ прво треба да депонира писмена гаранција дека ќе замине од политиката кога ќе загуби на евентуалните предвремени избори за, како што велат, да не се трошат народни пари за проблемите на Али Ахмети и Зијадин Села кои се обидуваат да ја спасат нивната коалиција.
Премиерот Христијан Мицкоски пред три дена ја повика ДУИ да се подготви за одговорност, а за избори, како што рече, кога ќе дојде време. Потенцира дека новата влада има четиригодишен мандат поткрепен со над 600 илјади гласа и дека сега е време да се испорача ветеното пред изборите како борбата против криминалот и корупцијата.