Андроид телефоните може да ги користите и како веб-камери

Доколку ви треба добра веб-камера, а користите паметен телефон со оперативен систем Андроид, можеби досега не сте знаеле дека овој уред може да служи како веб-камера со висок квалитет на сликата.

Во Android 14, Google воведе функција која ви овозможува да ја користите камерата на вашиот паметен телефон како веб-камера за остварување видео и конференциски повици.

Со само неколку кликања, можете лесно да го поврзете телефонот со Android со компјутерот преку USB-порта и да пристапите до функциите: автоматско фокусирање, зумирање или снимање видео со висока резолуција.

Овие функции станаа уште подобри со доаѓањето на оперативниот систем Android 15. Воведен е подобрен висококвалитетен „HQ mode“ со вградена функција на веб-камера, која го подигнува квалитетот на видеото до резолуција Full HD (1080p) и 30 фрејмови во секунда. Оваа надградба обезбедува појасен и поостар видео приказ кога го користите телефонот како веб камера за видео повици или снимања.

Како да го претворите вашиот Андроид телефон во веб камера?

Основната функција на веб-камера е достапна во оперативните системи Android 14 и 15, додека режимот HQ со висок квалитет на сликата може да го користат само оние кои ја имаат најновата верзија од Андроид на својот телефон.

Тука нема комплицирани „трикови“, бидејќи целиот кориснички интерфејс е прилично едноставен. Единствениот предуслов е вашиот паметен телефон да ја користи барем основната верзија на Андроид 14.

А за да го претворите вашиот сегашен или една или две години постар телефон со Android во компјутерска веб-камера, треба да ги следите следните чекори:

Чекор 1: Поврзете го телефонот со оперативен систем Андроид 14 или Андроид 15 со компјутерот преку USB-кабел.

Чекор 2: По поврзувањето, на горниот дел од екранот ќе се појави известување дека USB-врската е успешна. Режимот на полнење е стандардно поставен.

Чекор 3: Изберете го известувањето за да ја отворите страницата за поставки за USB. Под насловот „Користете USB“, ќе најдете нова опција наречена веб камера.

Чекор 4: Кога ќе изберете веб камера, ќе добиете ново предупредување со наслов „Уред како веб камера“.

Чекор 5: Со допирање на известувањето се отвора приказ на цел екран на визирот, каде што можете да видите што снима камерата на вашиот телефон од двете страни. Истиот екран потоа ќе се пренасочи на компјутерот со кој претходно сте го поврзале телефонот.

Чекор 6: Ставете го телефонот на држачот на вашата маса со задните камери свртени кон вас.

HQ само за Android 15

Андроид 15 значително ја подобри функцијата на веб камерата со воведување на нов режим на работа во HQ, односно квалитет на сликата со висока резолуција, кој отсуствуваше на постарата верзија.

Оваа опција, на телефон со инсталиран Андроид 15, се активира со едноставно допирање на ознаката „HQ“ во визирот на веб камерата на екранот на телефонот.

Сепак, и покрај значителното подобрување во јасноста на сликата, треба да се забележи дека овозможувањето на режимот HQ може значително да ја зголеми потрошувачката на батеријата на телефонот и да предизвика загревање на телефонот, особено за време на подолги сесии со видео повици.

- Реклама -