Реконструирано лицето на полската „вампирка“ која живеела пред 400 години

Срп, катанец и некои видови дрво пронајдени во гробот се сметаат за магични, како заштита од вампири. Гробот на Зосја бил откриен на необележано место во Пиен, а неколку месеци подоцна на истите гробишта било откриено и „дете-вампир“, соопшти тимот на археолози. Малку се знае за животот на Зосја, но Нилсон и тимот од Пиен велат дека предметите закопани со неа се показател дека таа била од богато, веројатно благородничко семејство. Во Европа од 17 век се развила клима на страв каде верувањето во натприродни чудовишта било вообичаено.

Зосја, како што го нарекуваат скелетот на „вампирката од Пиен“, откриен пред две години во Полска, била закопана со катанец на нозете и железен срп на вратот. Целта на таквиот погреб било оваа млада жена никогаш да не стане од гробот.

Тим научници, предизвикани од овој специфичен погреб од пред околу 400 години го реконструирал лицето на Зосја – со помош на ДНК, 3Д печатење и глина, пренесува „Ројтерс“.

„Навистина е иронично, на некој начин. Кога овие луѓе ја погребувале, направиле сè за да ја спречат да воскресне од мртвите, но ние направивме сè за да ја вратиме во живот“, изјавил шведскиот археолог Оскар Нилсон.

Скелетот бил откриен од тим археолози од Универзитетот „Никола Коперник“ во Торун во 2022 година. Зосја во моментот на нејзината смрт имала помеѓу 18 и 20 години, а анализите покажале дека таа страдала од здравствени проблеми кои довеле до несвестици и тешки главоболки, а можеби страдала и од ментална болест.

Прочитајте и:  Рускиот напад со интерконтинентална ракета ги подигна полските борбени авиони

Реконструкцијата на Нилсон започна со создавање на 3Д реплика на черепот, пред постепено да почне да додава глина „мускули по мускул“ за на крајот да го формира лицето. Користел структура на коските во комбинација со податоци за пол, возраст, етничка припадност и проценета тежина…

„Емотивно е да се гледа лице кое се враќа од мртвите, особено кога ја знаете приказната за оваа девојка. Сакав да ја ‘оживеам’ Зосја како личност, а не како чудовиште како што ја гледале кога ја погребале“, изјавил Нилсон.

Ваквите погребувања пронајдени во Полска, се вообичаени и пошироко во Европа, поради распространетите суеверија и народни легенди за мртвите кои се враќаат во живот и ја цицаат крвта на живите.

- Реклама -