„Нека оваа трагедија не потсети на важноста од меѓусебна поддршка и солидарност“, напиша премиерот Мицкоски на Фејсбук
Сочувство до семејствата на загинатите во несреќата во Нови Сад вечерва упатија македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова, премиерот Христијан Мицкоски и лидерот на СДСМ, Венко Филипче.
„Нашите мисли се со сите погодени од трагичната несреќа што се случи денеска на железничката станица во Нови Сад. Изразуваме длабоко сочувство до семејствата кои ги загубија своите најблиски, а на повредените им посакуваме брзо закрепнување“,
напиша Сиљановска – Давкова на Фејсбук.
Премиерот Христијан Мицкоски во објавата на Фејсбук вели дека во моментите на тага „стоиме заедно со нашите соседи и пријатели од Србија“.
„Со длабока тага ја примив веста за трагичната несреќа во Нови Сад, која одзеде човечки животи и остави многу семејства во болка. Во овие тешки моменти, нашите мисли и молитви се со семејствата на загинатите и со сите повредени. Од името на Владата и од мое лично име, упатувам најискрено сочувство до семејствата на настраданите. Нека им биде лесна земјата на оние кои ги загубија своите животи, а на повредените им посакувам брзо и целосно закрепнување. Нека оваа трагедија не потсети на важноста од меѓусебна поддршка и солидарност“,
пишува Мицкоски во објавата.
Сочувство до семејствата на загинатите на Фејсбук изрази и лидерот на СДСМ, Венко Филипче кој напиша „овој трагичен настан не потсетува на кревкоста на животот, но и на тоа колку е важно да се поддржуваме меѓусебно како соседи, како пријатели, како народи кои знаат да споделат и радост, но и болка“.
„Упатувам најдлабоко сочувство до семејствата на загинатите во оваа трагедија а на повредените им посакувам брзо и целосно закрепнување. Им даваме силна поддршка на медицински тимови и сите кои што се борат да ги извлечат и спасат настраданите под урнатините“,
напиша Филипче.
На железничката станица во Нови Сад денеска претпладне се урна бетонската настрешница на зградата на станицата. Под настрешницата имало клупи и на нив во моментот на падот имало голем број граѓани.
Вишото јавно обвинителство во Нови Сад соопшти дека во текот на истрагата по уривањето на дел од зградата на Железничката станица во Нови Сад, од урнатините досега се извлечени 14 тела.
Српскиот претсетдател Александар Вучиќ рече дека еден од загинатите во несреќата во Нови Сад е македонски државјанин.
Во Србија утре е прогласен Ден на жалост.