Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров планира да ја посети Малта во декември за учество на состанокот на Министерскиот совет на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ).
Тоа ќе биде прва посета на Лавров на земја членка на ЕУ откако Русија ја нападна Украина во февруари 2022 година, објави денешниот весник „Ведомости“, повикувајќи се на портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.
Амбасадата на Малта во Русија за рускиот весник потврди дека одлуката да се одржи состанок на Министерскиот совет на ОБСЕ на тој остров „важи за сите членки, вклучително и за Руската Федерација“.
Се очекува состанокот на Министерскиот совет на ОБСЕ да се одржи во Валета, главниот град на Малта, од 5 до 6 декември.