Филипче обвини дека Христовски нема ни пет години раководно искуство, Мицкоски тврди дека има девет

Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговорајќи на пратеничко прашање во Собранието во врска со назначувањето на Бојан Христовски за директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), потенцираше дека националната безбедност не заслужува да биде тема во јавноста. Тој и посочи на опозицијата да не прави политика од овој случај, појаснувајќи дека постојат институции кои што треба да водат сметка за таа работа.

Лидерот на СДСМ Венко Филипче денеска, во рамки на 18. собраниска седница постави пратеничко прашање до премиерот Мицкоски, покажувајќи документи од „свиркачи“ за, како што напомена, незаконско назначување на Бојан Христовски за директор на АНБ.

Филипче обвини дека Бојан Христовски не го исполнува условот за пет годишно раководно искуство, а нема ниту документ за положен англиски јазик, потенцирајќи дека тој приложувал фалсификувани документи.

Мицкоски на ова одговори дека Христовски има девет години раководно искуство.

-Што се однесува до Бојан и тој што ви ги дал тие податоци, ве носи во длабока дупка, не само што има пет, тој има девет години раководно искуство. Не сакав да бидам на тоа ниво да го спуштиме безбедносниот сектор во државата. Не сакам да разговарам на тоа ниво, затоа што мислам дека националната безбедност не заслужува да биде тема во јавноста, рече Мицкоски.

Тој е на ставот дека постојат институции во државата кои треба да го проверат ова. Одговорајќи на ова пратеничко прашање поставено од Филипче, Мицкоски од собраниската говорница појасни дека има сертификати од директорите поставени од СДСМ и напомена дека истите ќе му ги даде на министерот за внатрешни работи за како што рече, да допре гласот и до него.

-Во ред, вие сте решиле да правите политика од ова. Легитимно е од опозиција, но вие мислите дека на тој начин ќе добиете нешто. Но, јас ќе ви покажам сличен сертификат од личност која седи до вас. Знаете колку има вакви сертификати, сакате да ги видите сертификатите за директорите кои што ги назначи СДСМ. Немојте од ова да правите политика, има институции во државата кои што треба да водат сметка за таа работа, додаде Мицкоски.

Прочитајте и:  Мицкоски разочаран од новото раководство на СДСМ

Одговорајќи на пратеничко прашање од Филипче во врска со договорот со „Бехтел и Енка“, Мицкоски рече дека проектот за изградба на коридорот 8 и 10д, најпрвин беше срам и понижување кон поранешниот министер за транспорт и кон поранешниот премиер и обвини дека во Парламентот се носеа закони кои немаа поврзаност со европските закони, се злоупотребуваа европските вредности и македонското право и устав.

-Коридорите 8 и 10 д, биле дел од програмата на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и владата на ВМРО-ДПМНЕ многу долго време. Она што вие го направивте, посебно во проектот наречен „Бехтел и Енка“, а јас ќе го наречам проектот за изградба на коридорот 8 и 10д, најпрвин беше срам и понижување кон тогашниот министер за транспорт и кон тогашниот премиер. Ги доведовте во подредена положба да им се смеат и да си играат мајтап со нив коалициските партнери, на начин на кој што овде во Парламентот носевте закони кои немаат никаква врска со европските закони и ги злоупотребувавте европските вредности и македонското право и устав. Го злоупотребувавте и европското знаме впрочем. Да, бевме против тоа, рече Мицкоски.

Прашан дали документот ќе биде објавен и достапен за јавноста, Мицкоски рече дека „Бехтел и Енка“ е класифициран документ, и се проверуваат сите можности овој договор да го декласифицираат и да го покажат на македонската јавност.

- Реклама -