Во дебатата со претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, емитувана на ТВ Телма, струмичкиот градоначалник Костадин Костадинов рече дека нема желба да ја напушти ЗЕЛС, туку го замерува односот на централната власт кон проблемот со водата за пиење со кој се соочуваат 50 000 граѓани во Струмица и околните населени места
Од самиот почеток на обидот за политизирање на проблемот со водата за пиење во Струмица беше кажано дека Општината формално-правно нема никогаш да ја напушти Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС) и оти тоа е практично невозможно, изјави вечерва струмичкиот градоначалник Костадин Костадинов.
Во дебатата со претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, емитувана на ТВ Телма, Костадинов рече дека нема желба да ја напушти ЗЕЛС. Го замерува односот на централната власт кон проблемот со водата за пиење со кој се соочуваат 50 000 граѓани во Струмица и околните населени места.
„Мојата цел не е да го напуштам ЗЕЛС затоа што сакам да бидам надвор од ЗЕЛС, или алудирајќи на некакво непочитување кон колегата Ѓоргиевски или кон кој било колега градоначалник. Напротив, сметам дека алармот е вклучен, посебно од денеска. Вчера ја поздравив добрата намера на моите колеги да се отвори прашањето, со што на пиедестал ставаме дека министерот за земјоделство, Трипуновски, навистина треба да го промени својот пристап кога имаме одреден предизвик, иако сите знаеме чии се надлежностите над акумулациите за води. Колку е големо прашањето и колку е болно за струмичани кажува самиот факт што тоа е единствениот извор на вода за Струмица. Од тој аспект очекував Трипуновски да дојде во Струмица со директорот на АД ‘Водостопанство’ и да видат кој е проблемот на браната од којашто Општина Струмица купува техничка вода. За жал, тоа не е случи и во изјавите до ден-денеска кажувам дека секоја опција којашто ќе понуди решение за моите сограѓани за мене е прифатлива, и затоа ја ценам посветеноста на ЗЕЛС“,
рече Костадинов.
Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, од друга страна, се понуди да биде тој што ќе иницира средба меѓу засегнатите страни, па дури и да посредува помеѓу градоначалникот на Струмица и министерот за земјоделство, со цел, како што рече, решавање на несогласувањата и недоразбирањата доколку постојат.
„Верувам секогаш во тоа дека можеме цивилизирано да разговараме да се надминат проблемите. Јас не велам дека Коста не се соочил со проблем, но за тоа треба да се дискутира. Требаше колегата Костадинов да нѐ извести, да побара поддршка, како што тоа го побара Јакимовски“,
рече Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски истакна дека ЗЕЛС и понатаму останува партнер на сите општини и искрено го радува оти Струмица не излегува од ЗЕЛС зашто, како што рече, најдобар партнер и најсериозен за сите општини е токму ЗЕЛС.