Мицкоски: Случувањата во германската економија кај нас ќе се почувствуваат во вториот квартал од следната година

Она што сега се случува на економско поле во Германија ние нема веднаш да го почувствуваме. Сепак, можно е во вториот квартал идната година да имаме негативни ефекти, но од тоа нема да има негативни ефекти само кај нас, туку во целиот свет, а посебно во Европа, оцени денеска премиерот Христијан Мицкоски.

-Нашата цел е да дадеме еден драјвер на економијата преку инвестиции, реализација на капитални инвестиции и вложувања од страна на компаниите во сопствени основни средства за работа. На тој начин очекуваме да се зголеми продуктивноста, а со зголемување на продуктивноста да се обидеме и да го зголемиме приходот и да ги подобриме перформансите на економијата. Затоа ние многу внимателно пристапуваме и затоа многу внимателно планираме да ги трошиме средствата коишто ги заработуваме и во централниот буџет, но и позајмуваме. И тоа треба да бидат трошења само во насока на вложување во инвестиции, не во јавна потрошувачка, туку во инвестиции, изјави Мицкоски пред почетокот на конференцијата на „Блумберг Адрија“ на тема „Економски потенцијал и развојни можности за Македонија“ во одговор на прашање што треба да направи земјава за диверзификација на извозот и на кој начин да стане поконкурентна.

Тој нагласи дека не може еден систем кој е граден со децении да се промени преку ноќ и посочи дека е потребно време за да се појави нова опција за економијата на земјава целосно да не зависи од случувањата во Германија.

-Доколку очекуваме ние веднаш од една опција која што сме ја имале да имаме наеднаш 10, 20, 50 опции тоа е невозможно, бидејќи немаме толку голем број на природни ресурси на располагање, немаме нафта, немаме гас, не сме држава на море. За да се случи тоа потребно е да ги реализираме стратешките цели на државата. Бидејќи сме земја која не излегува на море овој недостаток треба да го претвориме во предност, а тоа е да станеме раскрсница на транспортниот, железничкиот и енергетскиот коридор во овој дел од Европа. Тоа е она што како држава треба да ни даде геостратешка предност за да можеме да бидеме во радарот на големите инвеститори од големите земји, рече Мицкоски.

Прочитајте и:  Мицкоски за Денот на албанската азбука: Писменоста и образованието не се луксуз, тие се основни права и патот до трансформација на општеството

Потенцира дека тоа е можно бидејќи земјава е природна раскрсница на два многу значајни европски коридори, коридорите 8 и 10.

За средствата од унгарскиот кредит од половина милијарда евра кои веќе се легнати на сметката на Народната банка рече дека половина ќе бидат за компаниите, односно кредити за компаниите, останатите средства ќе бидат за капитални инвестиции, дел за општините, дел за централната Влада.

-Веќе сме во преговори со банките како овој процес ќе функционира во пракса за да останат истите услови. Морам да кажам дека почетоците на овие преговори не се онакви какви што ние очекувавме, но тоа што е. Ќе разговараме со банките па ќе видиме до каде ќе стигнеме. Но, во секој случај компаниите ќе ги имаат истите услови коишто ги имаше оној заем, односно 3,25 проценти камата, 3 години грејс период и период на отплата до 12 години, појасни Мицкоски.

Прецизира дека кај некои од банките има дилема дали можат машините повеќе од седум години да бидат интабулирани поради амортизацијата итн. Но, како што рече, се надева дека низ еден разговор сето ова ќе биде минато.

Прашан дали банките бараат висока провизија, рече  дека засега би се воздржал од коментар.

-Но, она кое што е важно е дека на крајот компаниите и стопанството мора да ги имаат истите услови коишто ние ги кажавме. Како ќе го изорганизираме сето тоа оставете ние да го испреговараме, потенцира Мицкоски.

На прашањето дали се планира напуштање на фиксниот курс на денарот рече дека тоа нема да се случи, а за каматните стапки посочи дека полека се намалуваат.

-Не, тоа нема да има. Тоа не зависи од нас, тоа зависи од Народната банка. Колку што знам јас во изминатите неколку месеци откако е избрана новата Влада Народната банка на двапати ги коригираше каматните стапки така што полека, но сигурно имаме растоварување од тој аспект, потенцира Мицксоки.

- Реклама -