Фон дер Лајен откажа средба со премиерот на Србија бидејќи се сретнал со руски министер

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен ја откажа средбата со српскиот премиер Милош Вучевиќ закажана за денеска за време на нејзината посета на Белград, а причина беше неговата денешна средба со рускиот министер за економски развој Максим Решетњиков, јави Н1 Хрватска повикувајќи се на белградски медиуми.

Фон дер Лајен пристигна во Белград во рамките на својата четиридневна турнеја низ Западен Балкан, а претходно денеска, по средбата со српскиот претседател Александар Вучиќ, рече дека длабоко верува оти иднината на Србија е во Европската Унија, но конкретно не го процени времето на можниот прием, нагласувајќи дека тоа е „процес на усогласување со ЕУ, кој го дефинира процесот на пристапување“ на секоја земја поединечно.

Прочитајте и:  Во Балтичко Море оштетен и подводниот телекомуникациски кабел што ги поврзува Шведска со Литванија

Откажувањето на средбата Фон дер Лајен-Вучевиќ за Радио Слободна Европа (РСЕ) го потврдил портпаролот на ЕК Ерик Мамер, а за АФП шефот на Делегацијата на ЕУ во Србија, Емануел Жофре.

– Го откажавме состанокот со (српскиот) премиер по (неговиот) состанок со министерот за економија на Руската Федерација, додаде Жофре и, според извештајот на агенцијата Бета, изјави дека „таму била назначена намерата на Србија да ги зајакне своите економски односи во други области со Руската Федерација“.

- Реклама -