Сегашните најави не се први намери за спојување на надворешното разузнавање и домашните безбедност и контраразнување. Такви обиди имало неколку во минатото, последно во 2010, во времето на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски. Но, најавите денес, на оваа влада на ВМРО-ДПМНЕ, се најверојатно најсериозните досега
„Планот, а тоа е и дел од програмата на оваа влада, Агенцијата за разузнавање и Агенцијата за национална безбедност да се фузионираат во една агенција“,
изјави премиерот Христијан Мицкоски на 1 јули.
Мнозинството е расположено да ја поддржи иницијативата.
„Ова е процес кој трае подолг период и сметаме дека тоа е национален интерес на Република Македонија“,
вели Љупчо Пренџов од ВМРО-ДПМНЕ.
Опозицијата не само што не гледа потреба од вакво спојување, туку и стравува дека мотивите се сосема поинакви.
„Според мене, само политички мотиви – да се направи служба согласно очекувањата на политичката елита во моментот“,
е ставот на СДСМ што го пренесува координаторот на пратеничката група, Оливер Спасовки.
Пред околу 5 години со работа стартуваше новата Агенција за национална безбедност, институција, една од двете покрај Оперативно-техничката агенција, која со реформата на безбедносно-разузнавачкиот сектор произлезе од озлогласената Управа за безбедност и контраразузнавање.
„Почитувани, ми претставува особена чест што денеска, на 1 септември, како директор на АНБ, можам да соопштам дека од денеска АНБ почнува со нејзината редовна работа“,
изјави на 1 септември 2019 година директорот на АНБ, Виктор Димовски.
Денес, 5 години подоцна, ситуацијата е поинаква. АНБ како да се движи кон крајот на своето постоење. Новата влада е решена ова институција, клучна во ланецот на националната безбедност, да ја спои со Агенцијата за разузнавање, организацијата задолжена за надворешно разузнавање, и со тоа да се формира една единствена безбедносно-разузнавачка институција.
„Тоа е реформа која најголем број од нашите НАТО сојузници веќе ја имаат направено“,
изјави премиерот Мицкоски минатата седмица.
Проверката покажува дека значаен број членки на НАТО имаат една обединета институција, но и дека најмоќните држави во Алијансата како САД, Велика Британија, Германија, Франција, Италија ги имаат поделено надворешното разузнавање и домашната безбедност во посебни агенции, решение кое речиси 30 години е на сила и во земјава, од формирањето на Агенцијата за разузнавање во 1995 година.
Прашањето е зошто токму сега, само пет години по големата реформа, се иницира чекор што би донел концентрирање моќ на едно место, особено имајќи го предвид трауматичното искуство што земјава го имаше со злоупотребите на тајните служби – нелегалното прислушување на опозицијата во раните 1990, „Големото уво“ во 2001-та и последното, масовно прислушување на илјадници граѓани.
По трагата на информациите дека веќе се работи на законско решение за спојување, прашавме во Владата дали е почнат процесот на спојување на Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање, дали се консултирани НАТО, ЕУ и стратешкиот партнер – САД, дали постапката ќе биде транспарентна и дали ќе биде вклучена експертската јавност и претставници на граѓанскиот сектор?
„Станува збор за чуствителен процес од државно и стратешко значење кој се одвива во соработка со повеќе експерти од областа, но и во согласност со стратешките партнери на државата, тој мора да биде по исклучително високи НАТО-стандарди и истиот се наоѓа во чуствителна фаза на планирање. Се работи за документ кој е државна тајна, а во моментот планот на владата е да се декласифицира и да се стави на увид на јавноста кога преку јавна дебата ќе се дојде до конечно решение“,
одговорија од Владата на прашањето на „360 степени“.
Од Владата уверуваат дека се користат, како што велат, најдобрите практики од НАТО-земјите и совети од експертите и искуствата, кои процесот ќе го направат квалитетен и со одлични и посакувани резултати.
„Во една следна фаза, кога ќе бидат сите детали утврдени, ќе бидат и соопштени низ еден транспарентен процес за јавноста, низ една подолга јавна расправа која ќе трае повеќе месеци и во која ќе сакаме да ги слушнеме реакциите и аргументираните мислења на пошироката јавност, но и да ги анализираме и евентуално прифатиме и експертските мислења од пошироката експертска јавност. Подготовките на овој процес мора да бидат транспарентни затоа што се работи за институција која ќе биде од високо стратешо значење за државата и во делот на разузнувањето и националната безбедност, но и во делот на борба со високата и напредна корупција“,
рекоа од Владата.
Опозицијата, која 7 години беше на власт и во чиј мандат беше направена крупната реформа со укинување на УБК и поделбата на ингеренциите на ОТА и АНБ, не е уверена во добронамерноста на најавуваното спојување.
„Освен тоа што го имаме прочитано како дел од најавите, од програмата, дека сакаат спојување на две, однос три служби, според моите информации, Агенцијата за разузнавање, Агенцијата за национална безбедост и Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, нема никакви подетални анализи за тоа што сакаме да постигнеме. Или ако се прави некаква реформа во безбедносно-разузнавачката заедница да видиме врз основа на што тоа ќе се прави. Ако погледнеме, никој од нас тоа не го бара во моментов, ниту ЕУ, ниту стратешките партнери“,
вели координаторот на пратеничката група на СДСМ и поранешени министер за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Дали тоа значи дека има тајно реформирање на тајните служби?
„Тоа е најлошиот модел. Ако имате реформа во безбедносниот сектор која ќе помине низ транспарентна и инклузивна постапка, тогаш и да не е доволна добра реформата, перцепцијата ќе биде дека имаме добра реформа. И обратно – ако имате најдобра реформа која нема транспарентност и се прави во тајни кружоци, тогаш ќе немаме перцепција дека тоа е реформа добра за граѓаните“,
одговара Спасовски.
Бидејќи процесот засега е обвиен со тајност, се обративме и кај владејачкото мнозинство во парламентот. Но, и тие, исто како и опозицијата, немаат многу информации за тоа што владата конкретно презема околу овој проект.
„Од информациите кои ги имам, законот е во напредна фаза, се прави начин да има широки консултации во согласност со членките на НАТО, пред се нашиот стратешки партнер, и дека во тој контекст се обидуваме да направиме закон кој навистина ќе ги задоволува потребите на она што значи безбедна држава и при што точно ќе се знае кој дел од разузнавањето кој сектор го прави. Мислам дека овој процес ќе заврши за брзо време и дека тогаш владата ќе ги декласифицира сите овие работи, ќе дојдат во Собранието каде повторно ќе можеме да направиме поширока дебата се со цел да имаме многу добар закон зашто тој треба да биде нешто со што земјата ќе се гордее во наредниот период“,
изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Пренџов.
„360 степени“ побара став и од клучните партнери на Северна Македонија во оваа сфера – САД, ЕУ и Велика Британија, кои инвестираа во професионализација на службите. ОД ЕУ очекуваат инклузивен процес.
„Какви било реформи во оваа област бараат широк политички консензус, консултации со главните чинители и транспарентност. Треба да се почитуваат најдобрите практики и стандарди на ЕУ. Тие вклучуваат дефинирање на јасен мандат, функционални демократски механизми за надзор и заштитни мерки против злоупотреба на злоупотреба на човековите права“,
соопштија од Делегацијата на ЕУ.
За американската амбасада клучен е интересот на граѓаните.
„Владините институции треба ефективно да им служат на граѓаните во која било структура или форма. Предложената консолидација треба да се мери според тоа фундаментално очекување. Народот на Северна Македонија не заслужува ништо помалку“,
е ставот на амбасадата на САД.
Од британската амбасада, пак, ги нагласуваат стандардите на Северноатлантската алијанса.
„Северна Македонија е суверена земја и одлуката за промени во безбедносните институции во согласност со локалните закони е на Владата на Северна Македонија. Како сојузници во НАТО, сите сме обврзани да се придржуваме до стандардите на НАТО за професионализам, демократски надзор и институционален интегритет. Обединетото Кралство е силен партнер и сојузник на Северна Македонија во НАТО и ќе продолжиме да работиме заедно на безбедноста, стабилноста и просперитетот на двете земји“,
е позицијата на амбасадата на Велика Британија.
Заедничко во одговорите од трите амбасади е дека при потенцијално спојување на агенциите мора да се внимава на начинот на кој ќе се направи тоа, стандардите на НАТО и контролните механизми.
Од опозицијата потсетуваат дека при реформата по масовното незаконско прислушување се водеше сметка за дисперзија на моќта, а дека со спојување ќе се случи обратен процес.
„Ако 26-27 години сме имале состојба во која службата била злоупотребувана за политички и лични интереси, ова не смее да биде основот повторно да се враќаме назад зашто има некаква нетрпеливост кон службите. Напротив, треба да се унапредува функционалноста, независноста, професионалноста внатре во службите и од тој аспект треба многу внимателно да се пристапува кон некоја реформа. Знаете, не е доволна реформата да ги споите АР, АНБ и ДКБИ. Најверојатно, аргументот кој власта ќе го каже ќе биде економичноста во работењето што како аргумент не знам дали може до крај да опстои зашто да се зпрашаме каде се просториите на таа нова служба, потоа неизвесноста во која ќе се најдат вработените во овие институции – најавувате реформа на службата а не знаеме, немаме јасни назнаки како таа реформа ќе се прави, се јавува неизвесност која не ги тера вработените кон заштита на државните интереси, туку веќе размислуваат каде тие ќе се најдат во реформата на службата. На крај, најважното, тука е прашањето на концентрација на моќта – клучната работа за реформа на службата минатиот пат беше да направиме се да нема толку концетрација на моќ“,
вели Оливер Спасовски.
Кај мнозинството веруваат дека грешките нема да се повторат, иако се согласуваат за разиците што ги носи концентрирањето моќ.
„Може и така да се гледа, но со широки консултации сметаме дека ова е вистинскиот начин за вистинска реформа на безбедносниот систем. Сметаме дека во следниот период ќе покажеме дека, и се надевам дека тоа ќе се случи, сите грешки од изминатиот период се научени, дека лекциите се повторени и мислам дека таков срам никогаш повеќе не треба да и се случи на Република Македонија како што беше во изминатиот период“,
смета Љупчо Пренџов.
Друг аспект од прашањето на концетрација на моќ во една фигура што би го донело обединувањето на двете институции е фактот дека во постоечкиот разузнавачки систем – АНБ е под владата, а Агенцијата за разузнавање е под шефот на државата. Зошто претседателот би се откажал од ваквите ингеренции со создавањето на една „суперагенција“?
За темата побаравме став од кабинетот на Гордана Сиљановска-Давкова. Но, не добивме.
Одговор дојде од премиерот кој кажа дека претседателката е информирана и дека е во контакт со неа за ова прашање.
„Сме го разговарале ова и ова апсолутно е резулат на потреба како реформа, а не дека некој има лична фрустрација, па сега ќе спојува институции“,
рече премиерот Мицкоски.
Мицкоски вели и дека како урнек се земаат членки на НАТО кај кои функционира моделот на една безбедносно-разузнавачка агенција. Таков е случајот со Хрватска која ја има СОА. Нејзиниот поранешен директор Драган Лозанчиќ, анализирајќи ја најавата за спојување на двете служби кај нас вели – секоја одлука мора добро да се осмисли.
„Во однос на Северна Македонија, би било добро одлуката однпаред добро да се разгледа, да се преиспита која е целта на таквото решение, а и кои се ризиците и, на крајот, како тоа ќе се спроведе ако се решите на таков чекор на спојување на внатрешната и надворешната служба. Мора да бидете свесни дека како и при секое обединување на организации има една низа од орагнизациски предизвици. почнувајќи од најосновните како тоа дека можеби станува збор за две различни организациски култури кои ги спојувате во една, до оние најосновни прашања од административна и логистичка природа. Оттука, има серија работи кои треба да се имаа предвид, добро да се подготви теренот и тоа да се искомуницира со јавноста пред да се донесе таква одлука“,
анализира Лозанчиќ.
Во текот на продуцирањето на оваа сторија, дојде информацијата за смена во врвот на Агенцијата за национална безбедност – на местото на Зарко Милошевски седна Бојан Христовски, човек кој пред само еден месец, во објава на Фејсбук, ја погреба АНБ. Според текот на настаните, Христовски, многу веројатно, ќе испадне во право.