Четвртата најнаселена земја во светот сака да се пруклучи кон БРИКС

Индонезија изразува желба да се приклучи на БРИКС, соопшти индонезиското Министерство за надворешни работи, цитирано од британските медиуми.

Лидерите на БРИКС изминатите два дена се состанаа во рускиот град Казан, а доцна синоќа индонезиското министерство соопшти дека е почнат и процес за пристапување на Индонезија кон оваа органзаиција.

-Приклучувањето на Индонезија во БРИКС е израз на нејзината независна и активна надворешна политика. Тоа не значи дека влегуваме во некој блок, туку дека сме активни на сите форуми, изјави новиот индонезиски министер за надворешни работи Сугионо.

Индонезија, четвртата најнаселена земја во светот, се придржува до неутралноста во својата надворешна политика.

Претседателот Прабово Субианто, кој ја презеде функцијата во неделата, постојано нагласува дека ќе се дружи со сите земји и дека Индонезија нема да се приклучи на воените блокови.

Сугионо, исто така, рече дека БРИКС одговара на главните политички насоки на владата на Прабово, „особено во однос на безбедноста на храната и енергијата, искоренувањето на сиромаштијата и развојот на човечките ресурси“.

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека повеќе од 30 земји изразиле желба да се приклучат на БРИКС, иако не е особено јасно како ќе се случи проширувањето.

- Реклама -