„Владата не ја оспорува потребата од носење на уставните измени, туку ние сакаме да го обезбедиме процесот после носењето на уставните измени. Едноставно, да бидеме сигурни дека тој процес ќе заврши во одредено време. Сметаме дека ако само се носат уставните измени, а се соочиме со дополнителна блокада, довербата на граѓаните дека ние еден ден ќе бидеме дел од ЕУ драстично ќе се намали“, изјави министерот за европски прашања во вечерашното гостување во Дневникот на ТВ Сител
Тоа што претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен денеска во Скопје не беше конкретна околу предлогот на Владата за одложено дејство на уставните измени, според министерот за европски прашања, Орхан Муртезани е знак дека се создава заеднички простор што треба многу внимателно и паметно да се искористи за да дојдеме до решение.
Коментирајќи ја денешната посета на Фон дер Лајен на земјава, Муртезани во вечерашното гостување во Дневникот на ТВ Сител рече дека Брисел сериозно ги сфаќа нашите аргументите во врска со уставните измени.
Имено, ваквиот став тој го темели на тоа што одговарајќи на новинарско прашање на заедничката прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски, дали за Европската Унија се прифатливи уставни измени со одложено дејство, претседателката на ЕК не одговори прецизно, но кажа дека Унијата ќе помогне да се спроведе преземената обврска на земјава во секој дел од евроинтегративниот пат.
„Самиот чин со посетата на регионот и пораките дека проширувањето е апсолутен приоритет на нејзиниот мандат, мислам дека се пораки кои ние треба да ги сфатиме и врз основа на тоа треба да го придвижиме процесот на евроинтеграции. Клучниот момент според мене, е не отфрлувањето на нашиот предлог со одложено дејство од страна на претседателката. Тоа е знак дека се создава заеднички простор, кој што треба многу внимателно и паметно да се искористи, за доаѓање до решение“,
рече Муртезани.
На допонително прашање дали тоа значи дека е оптимист и дека смета оти има можност да помине планот за уставни измени со одложено дејство, Муртезани одговори дека е важно тоа што нашите аргументи се сфаќаат сериозно во Брисел.
„Тоа што е битно е дека нашите аргументи дека уставните измени не треба да служат само за отпочнување на преговорите, туку по отворањето на преговорите процесот не треба да се билатерализира до затворање, е клучниот аргумент којшто во Брисел се сфаќа сериозно и не е само наше барање. Како што гледаме сега истиот процес на билатерализација ѝ прави голем проблем на Европската Унија во однос на помошта за Украина. Ова не е проблем што ја блокира само Република Северена Македонија, туку е проблем кој блокира и стратешки интереси на Европската Унија“,
рече министерот за европски прашања.
Според Муртезани, посетата на Фон дер Лајен е силен знак дека ние мора да сме во ЕУ и дека сега е време за изнаоѓање решенија за проблемите кои се пречка на тој пат.
„Посетата на Фон дер Лајен е силен знак дека ние мора да сме во ЕУ, силен знак дека треба брзо и силно да чекориме кон ЕУ, дека сега е времето за изнаоѓање на решенија, дека уште имаме простор и ако брзо најдеме решение можеме заедно со Албанија да ги отпочнеме преговорите. Пораката во однос на носењето на уставните измени беше јасна, тоа стои и во заклучоците и во заедничката позиција на ЕУ. И Владата не ја оспорува потребата од носење на уставните измени, туку ние сакаме да го обезбедиме процесот после носењето на уставните измени. Едноставно, да бидеме сигурни дека тој процес ќе заврши во одредено време. Сметаме дека ако само се носат уставните измени, а се соочиме со дополнителна блокада, довербата на граѓаните дека ние еден ден ќе бидеме дел од ЕУ драстично ќе се намали“,
рече министерот.
Прашан од кои земји членки на ЕУ имаме поддршка за ваквиот предлог, миниистерот не одговори конкретно. Кажа дека таа доаѓа од многу европски земји, но во таа насока додаде дека процесот треба билатерално да се иницира со Бугарија.
„Се додека не завршат изборите во Бугарија, нема јавно да нудиме предлог, бидејќи сметаме дека тоа може да се користи за изборни цели“,
рече Муртезани.
Коментирајќи ја реформската агенда, тој рече дека станува збор за амбициозна агенда направена во многу краток период, која ќе биде сериозен тест за нашиот систем, односно дали сме подготвени и дали можеме да покажеме кредибилитет брзо да станеме членка на Европската Унија.