ДУИ: Со бришење на дијаспората бројот на советници во Гостивар ќе падне на 23

Огранокот на ДУИ во Гостивар денеска на прес конференција реагираше дека одлуката на Владата да се избрише нерезидентното население, дијаспората од државното планирање и организација, ќе го намали бројот на советници во Општина Гостивар.

„Со оваа одлука донесена на 24 септември 2024 година, се влијае директно на бројот на советници во Советот на Општина Гостивар. Советот на Општина Гостивар ќе биде намален за осум советници. Од вкупно 31 советник, колку што броеше во овие 34 години политички плурализам, со кревање рака на Арбен Таравари, Изет Меџити, Фатмир Лиман и другите владини вазали на ВЛЕН, бројот на општинските советници во Гостивар се намалува на 23. Тоа се случува затоа што моноетничката власт одлучи да отстрани 33.803 иселеници од вкупното население на територијата на Општина Гостивар. На пописот од 2021 година, во Општина Гостивар се евидентирани 93.573 жители и нежители.“ реше на прес конференцијата Лек Далипи, член на гостиварскиот совет од ДУИ.
Според него, со оваа одлука, Гостивар, кој до вчера беше меѓу петте најголеми градови во земјата, сега се споредува со рурални општини како Зелениково, Кратово, Берово, Крушево и Вевчани. Намалувањето на бројот на советници го ослабува политичкото влијание на граѓаните на Гостивар, особено на албанската заедница, која се потпира на својата колективна сила за одржување на културното, социјалното и економското влијание во земјата, рече Далипи и подвлече:
„Бришењето на дијаспората е удар врз интересите на албанската заедница и на општината Гостивар. Помалку советници значи помало влијание во локалните одлуки, што може да ги оштети долгорочните перспективи за економски развој и локалната самоуправа. Без целосна застапеност на албанското население, се отвора вратата за политички доминирање на други групи, со дополнително маргинализирање на албанските интереси“.
 

Извор