Прашан по средбата какви се нивните првични мислења за новиот состав на македонскиот дел од Комисијата, претседателот на бугарскиот тим, Ангел Димитров одговори: „Не знам, уште немаме конкретно мислење. Нека поминат две три средби“
Протоколарни и технички прашања, запознавање меѓу двата состави и дискусија за принципите на работа биле темите на денешниот состанок меѓу македонскиот и бугарскиот тим од Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања.
Ова по завршувањето на средбата, која се одржа во просториите на Министерството за надворешни работи и за надворешна трговија, го изјави претседателот на бугарскиот тим и копретседавач со Комисијата, Ангел Димитров.
Инаку, денешната средба беше прва откако македонскиот тим од Комисијата е со променет состав.
„Повеќе разговараме околу технички, протоколарни и општи прашања по кои тешко се наоѓа решение, се запознавме. Но тоа не значи дека го загубивме денешниот ден“,
изјави Димитров по состанокот.
Прашан какви се нивните првични мислења за новиот состав на македонскиот дел од Комисијата, Димитров со одговор:
„Не знам, уште немаме конкретно мислење. Нека поминат две три средби“
За потсетување, новата Влада на премиерот Христијан Мицкоски, на почетокот на септември ги именуваше новите членови на Комисијата и за копретседател го назначи професорот Ванчо Ѓорѓиев кој извесно време беше дел од претходниот состав.
Во пресрет на денешната средба, историчарот Митко Панов, кој е еден од новите членови во македонскиот тим, синоќа во телевизиско интервју рече дека на состанокот треба да ги изразат сопствените ставови, ставовите на македонската историографија и да се фокусираат на оние проблематични точки што едната страна ги смета за, како што рече, некакви конфликтни проблеми.
Пред два дена, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски одржа протоколарна средба со новиот состав на Комисијата, посочувајќи оти дискусиите и одлуките треба да ги водат врз основа на научни аргументи и со целосно почитување на академската слобода.
Последната средба на историската комисија со Бугарија беше одржана на 30 и 31 мај во Софија, а состанокот планиран во Скопје на 18 и 19 септември годинава беше одложен на барање на македонската страна.
Инаку, досега Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија усвои препораки за заедничко чествување на пет историски ликови – Светите браќа Кирил и Методиј, Свети Наум Охридски, Свети Климент Охридски и Цар Самоил и по пет препораки за измени во учебниците по историја за шесто одделение во Македонија и за пети клас во Бугарија. Она што остана камен на сопнување од претходните состаноци на Комисијата беа ликот и делото на Гоце Делчев, за кој историчарите од двете страни имаа речиси дијаметрално спротивни ставови, а отворени прашања има и околу настани личности од средниот век.
Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања беше формирана како резултат на Договорот за добрососедство меѓу Северна Македонија и Бугарија потпишан на 1 август 2017 година.