Општина Гостивар ќе додели 100 ваучери за бесплатна мамографија, се прават напори болницата да добие мамограф

Во рамки на одбележувањето на Октомври како месец за борба против канцерот на дојка, Општина Гостивар ќе обезбеди бесплатна мамографија за 100 жени. Ваучерите ќе бидат доделени по пат на јавен повик, кој се очекува да биде објавен следната недела и во кој ќе бидат наведени  критериумите.

„Оваа година Општина Гостивар осигури 100 ваучери со кои нашите сограѓани ќе може да направат мамографија бесплатно во приватна установа. Инаку, во разговор со директорот на општата болница Арбен Муча се согласивме дека заедно ќе се потрудиме од Министерството за здравство да изнудиме решение за да се донесе мамограф во болницата. Се надевам дека новата година ќе ја дочекаме со мамограф во нашата болница, се со цел нашите сограѓани да имаат можност да ја превенираат оваа болест“, изјави градоначалникот на Гостивар, Ваљбон Лимани на вечерашната трибина посветена на борбата против ракот на дојка, што ја организираше општината.
На годишно во земјава се дијагностицираат од 1200-1500 нови случаи на карцином на дојка. Според онкологот, доцент доктор Илир Исмаили, жените за разлика од порано почесто одат на прегледи и се обраќаат за медицинска помош, што е клучно за рано откривање и лекување.„Има пораст на бројката на заболени, тоа прво подразбира дека популацијата станува свесна за оваа болест. И второ значи дека докторите, медиумите, јавноста си го прават своето во свеста на граѓаните да се јават на доктор. Порано немавме ни апарати ни ништо, сега имаме апарати блиску до нас и затоа и повеќе случаи се откриваат. Едноставно расте свеста, не е срам да се оди на лекар за карцином, па ни за карцином на дојка.“, рече Исмаили. На вечерашната трибина свои обраќања имаа и Афрдита Хамза од општинскиот Сектор за социјални дејности, Анета Ќироска-специјалист по семејна медицина и Миранда Изаири-радиолог.
 

Извор