АХВ ја продолжи забраната за пиење на водата во Струмичко, градоначалникот обвинува дека резултатите не се точни

Според резултатите на АХВ, четири од мострите не ги исполнувале микробиолошките безбедносни критериуми

По ваквата одлука на АХВ, струмичкиот градоначалник Костадин Костадинов, во објава на својот фејсбук-профил, обвинува дека за да се пласираат вакви резултати, биле вршени притисоци врз инспектори и врз вработени во Институтот за јавно здравје

Водата од струмичкиот водоснабдителен систем и натаму е забранета за пиење, иако градоначалникот Костадин Костадинов тврди дека таа е исправна и во хемиско-физичкиот состав и микробиолошки.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), денеска, како што пренесува МИА, информираа дека забраната за пиење на водата од струмичкиот водоснабдителен систем останува во сила поради присуство на колиформни бактерии.

Според резултатите што АХВ ги добиле од анализираните мостри земени на 18 октомври, кај сите нив претходното зголемено ниво на манган сега е во рамките на дозволените вредности, но четири од мострите не ги исполнувале микробиолошките безбедносни критериуми.

Од АХВ велат дека стручна екипа за замање мостри од Институтот за јавно здравје Скопје, за анализа на водата од водоводната мрежа на ЈПКД „Комуналец“ од Струмица зела шест примероци од различни места.

„Една мостра е земена од сирова вода која доаѓа од браната, сирова вода од чешма во фабриката, втора мостра на хлорирана/третирана вода за пиење од чешма во фабриката за вода, три мостри вода за пиење од мерните места одредени од ЈПКД ‘Комуналец’ во нивниот мониторинг-план за земање мостри вода за анализа и една мостра вода за пиење земена по случаен избор на инспекторот од водоводната мрежа“,

информираат од АХВ.

Целта на контролата, додаваат од АХВ, била за да се изврши увид во досегашните активности спроведени од страна на ЈКПД „Комуналец“ од Струмица во однос на спроведувањето добра производствена и добра хигиенска пракса, како и други технички зафати во водоснабдителниот систем. 

По ваквата одлука на АХВ, струмичкиот градоначалник Костадин Костадинов, во објава на својот фејсбук-профил, обвинува дека за да се пласираат вакви резултати, биле вршени притисоци врз инспектори и врз вработени во Институтот за јавно здравје.

„Решивте на грбот на народот да правите политика, скапо ќе плати некој за оваа фашистичка операција врз Струмица и струмичани. Наскоро вистината и за водата, но и за сите притисоци, врз инспектори, врз вработени во ИЈЗ само да не се кажуваат јавно резултатите оти истите не се во прилог на политиката на Цветан Трипуновски“,

пишува Костадинов.

Тој вели дека утре повторно ќе бидат објавени резултати дека водата е исправна и во хемиско-физичкиот состав и микробиолошки.

„Борбата против Струмица продолжува, чекаа, калкулираа и денес преку медиуми научивме дека не ни даваат решение за водата. Одговорно тврдам, а потврда за тоа ќе бидат резултатите кои утре повторно ќе бидат објавени, дека водата е исправна и во хемиско-физичкиот состав и микробиолошки. Ние струмичани сме трпеливи, сме издржале многу неправди и злобни работи, ќе го издржиме и ова“,

додава тој.

Повеќе од три недели водата во Струмичко е неисправна за пиење поради зголемено присуство на минералот манган, кој е витален за човечкиот организам, но во многу мали дози. Додека од локалната самоуправа посочија дека не се во можност да произведат вода затоа што им доаѓала во форма на кал, од другата страна велат оти тие не можат да влијаат врз однесувањето на природата, а власта не се грижи за својата „фабрика“.

И изминатите денови од локалната самоуправа велеа дека водата во Струмица е исправна и чиста и безбедна за пиење. Оттаму ги чекаа анализите од Институтот за јавно здравје и во однос на хемиско-физичкиот состав и во однос на микробиологијата, за да може инпекторот од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) да донесе решение за водата конечно да може да се употребува за пиење.

Костадинов вели дека е недозволиво во целиот тој период да не се седне на маса и да се види што се случувало со водата во браната „Турија“ и да се види од каде е изворот на манган во неа.

Тој најави дека пратениците на СДСМ ќе поднесат интерпелација за министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, бидејќи не се појавил во Струмица.

- Реклама -