Урсула фон дер Лајен од Тирана: Проширувањето на ЕУ ќе биде мој приоритет

Во Тирана, Фон дер Лајен одржа говор и во Европскиот колеџ, каде рече дека на Западен Балкан почнал да дува „ветер на промени“

Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен и албанскиот премиер Еди Рама на денешната заедничка прес-конференција /
ФОТО: EPA-EFE/MALTON DIBRA

Проширувањето ќе биде голем приоритет во мојот следен мандат, рече вечерва претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, по средбата со албанскиот премиер Еди Рама во Тирана, пренесува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа.

„Тоа се однесува на нашиот план за раст на Западен Балкан, а за тоа разговаравме и во Берлин. Ја отвораме вратата на заедничкиот пазар со партнерите од Западен Балкан“,

рече фон дер Лајен.

МИА, пак, пренесе изјава од претседателката на ЕК дека следната недела комисијата ќе го објави извештајот за напредокот на проширувањето, каде Албанија постигна одлични резултати.

„Знаеме дека процесот да се стане земја-членка за отворање преговори е многу јасен, детален и транспарентен. Следната недела Комисијата ќе го објави извештајот за проширувањето за секоја земја кандидат. Резултатите за Албанија се одлични. Сите земји членки во овој процес продолжуваат според нивната позиција“

изјави таа на заедничката прес-конференција со Рама.

Рама, пак, изрази голема благодарност за, како што рече, „безрезервната поддршка“ од претседателката на ЕК, додавајќи дека зачленувањето во ЕУ е единствената точка за која Албанците не се поделени.

„Денеска е многу посебен ден и денеска нема да ја повторите реченицата со која ги затворавте сите претходни прес-конференции – сакаме да започнеме преговори. Денеска дојдовте во Албанија затоа што сега Албанија седи на преговарачката маса и ја отвори првата група која влегува во новата фаза, а кога повторно ќе дојдете на конференцијата сакаме да дојдете да кажете дека сакаме членство на Албанија во ЕУ. Ние сме многу решени за ова, нашиот преговарачки тим во Брисел покажа дека е на висина на задачата. Знаеме дека предизвикот станува тежок и дека сега почнува работата. Добредојдовте во најпро-ЕУ земја во Европа“,

рече Рама.

Тој додаде дека Албанија има уште „многу планини што треба да ги надмине, но дека амбицијата на земјата е да стане подготвена за членство во ЕУ до крајот на оваа деценија, односно до 2030 година.

Со посетата на Албанија, претседателката на извршното тело на Европската унија ја почна својата балканска турнеја, а утре се очекува да пристигне во Скопје. Следни станици на нејзината турнеја ќе бидат Србија, Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора.

Во Тирана, Фон дер Лајен одржа говор и во Европскиот колеџ, каде рече дека на Западен Балкан почнал да дува „ветер на промени“.

„Може ли некој да го запре ветрот на промените? Денес тој дува не само на Западен Балкан, туку и во Украина и во Молдавија. Но, има и други ветрови што дуваат во спротивни правци, кон национализам и угнетување. Русија влезе во Украина токму поради тоа што Украина сакаше да стане дел од ЕУ“,

рече таа.

Според Фон дер Лајен, на изборите минатиот викенд во Молдавија можела да се види „голема интервенција од Русија на референдумот за европската иднина“.

„Тие сили работат на дестабилизација на земјите што ја избираат Европа. Кога и да има напредок кон помирувањето или интеграцијата, тие го свртуваат вниманието кон старите судири. Тоа денес е реалност. Со тоа мора да се носи вашата генерација млади Европјани. Не смееме да седиме со скрстени раце“,

рече таа пред студентите на Европскиот колеџ.

Шефицата на Европската комисија најави дека Албанија во следните месеци ќе ја добие првата рата од 64 милиони евра, од вкупно 920 милиони колку што земјата треба да добие од Планот за раст во наредните три години. Овој план предвидува помош од шест милијарди евра за земјите од Западен Балкан.

Помошта што Европската унија им ја дава на земјите од регионот се очекува да биде една од клучните точки на разговорите на Фон дер Лајен со регионалните лидери.

- Реклама -