Четворица загинати и 14 повредени во терористички напад врз воена компанија во Анкара

„Двајца осомничени за нападот – еден маж и една жена – се неутрализирани. Тројца повредени се во тешка состојба. Нашата борба ќе продолжи одлучно додека не се неутрализира последниот терорист“, информира турскиот министер за внатрешни работи

Седиштето на турската воздухопловна и одбранбена компанија ТУСАШ во близина на Анкара / ФОТО: EPA-EFE/NECATI SAVAS

Четири лица се загинати, а 14 се повредени во терористички напад во просториите на компанијата „Турска воздухопловна индустрија“ (ТУСАШ) во предградието на Анкара, информира турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја на својот профил на социјалната мрежа Икс.

Според неговата објава, двајца од напаѓачите се неутрализирани.

„Двајца осомничени за нападот – еден маж и една жена – се неутрализирани. Тројца повредени се во тешка состојба. Нашата борба ќе продолжи одлучно додека не се неутрализира последниот терорист“,

додава тој во објавата на Икс.

Од објавата на Јерликаја не е јасно дали во инцидентот учествувале само две лица или имало повеќе.

Според турската телевизија Си-ен-ен-турк, терористите активирале автомобил-бомба на влезот на комплексот и отвориле оган од огнено оружје. Над областа кружат воени хеликоптери.

Видео што се шири на социјалните мрежи, а кое е направено од безбедносните камери на објектот, покажува двајца вооружени напаѓачи како доаѓаат пред комплексот со такси-возило, а потоа влегуваат во зградата.

Градоначалникот на Анкара, Мансур Јавас, рече дека е „тажен“ поради нападот врз ТУСАШ.

Турскиот министер за правда Јилмаз Тунч изјави дека е започната истрага за нападот.

„Најостро го осудувам терористичкиот напад врз објектите на турската авијација во областа Кахраманказан во Анкара. Канцеларијата на главниот јавен обвинител во Анкара започна судска истрага за подмолниот терористички напад, а еден заменик-главен обвинител и осум јавни обвинители се распоредени“,

рече тој.

Министерот за индустрија и технологија Мехмет Фатих Кацир, нарекувајќи го нападот терористички, рече дека Турција нема да се откаже од чекорите што ги презема во областа на одбранбената индустрија.

„Ние никогаш нема да отстапиме од одбранбената индустрија и од патот по кој тргна нашата национална технологија. Националната технолошка промена и националната одбранбена индустрија се клучот за целосно независна Турција“,

вели Кацир.

Осуда има и од турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

„Четири лица загинаа во нападот во Анкара, а најмалку 14 лица се повредени. Најостро го осудувам терористичкиот напад во Анкара“,

рече Ердоган.

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, објави: „Алијансата стои до нашиот сојузник Турција“.

„Силно го осудуваме тероризмот во сите негови форми и внимателно ги следиме случувањата“,

рече Руте.

Портпаролката на германското Министерство за надворешни работи го опиша нападот како „длабоко шокантен“ и рече дека Германија ги осудува „сите форми на тероризам на најсилен можен начин“.

Турската  телевизија Хабер турк пренесува дека вработените во фабриката се пренесени на безбедно место.

На местото на настанот се испратени сили за безбедност, брза помош и пожарникари.

Турската компанија ТУСАШ, која е во целосна сопственост на одбренбените сили на земјата, меѓу другите проекти, го дизајнира, произведува и склопува првиот турски борбен авион „КААН“, цивилни авиони, беспилотни летала и други одбранбени, индустриски и вселенски системи.

Оваа компанија е овластена да произведува борбени авиони „Ф-16“ дизајнирани во САД.

Во компанијата се модернизираат и постари авиони за турската војска.

- Реклама -