Директорката на ИЈЗ, Марија Андоновска, рече дека се тестирани и двајца вработени во Зоолошката, но штом нивните резултати се негативни, додаде дека нема опасност за посетителите
Негативен е резултатот на жената посетител на скопската Зоолошка градина, што денеска е тестирана за птичји грип, информира попладнево Марија Андоновска, директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), посочувајќи дека нема пријавено друго лице за тестирање.
Поради појава на птичји грип, од викендов е затворена Зоолошката градината во Скопје.
„Жената е родена 1958 година. Ја тестиравме со нејзино убедување“,
вели таа.
Посочи дека се тестирани и двајца вработени во Зоолошката, но штом нивните резултати се негативни, додаде дека нема опасност за посетителите.
„Навистина треба да се има близок контакт за да се случи пренос на вирусот“,
рече директорката.
Инаку, пред два дена, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) преку соопштение информира дека во Зоолошката градина во Скопје е утврдено присуство на птичји грип кај пцовисана птица. Како што додадоа оттаму, бил спроведен надзор во Зоолошката и било извршено хумано убивање на неколку видови птици.
Според АХВ, иако Зоолошката детектиралa пцовисано животно уште на 14.10.2024 година, не постапила по законски процедури, односно не пријавила сомнеж на заразна болест до надлежниот официјален ветеринар.
Со ова, од АХВ сметаат дека раководството на Зоолошката градина ги прекршило законските обврски и самостојно доставило примерок до Факултетот за ветеринарна медицина, кој бил примен на обработка на 15.10.2024 година.
ИЈЗ излезе и со препораки до граѓаните во кои се наведува дека речиси сите случаи на инфекција со вирусот се поврзани со близок контакт со заразени или мртви птици.