Како образложение, оттаму ја наведуваат владината заложба за промена на состојбите во функционирањето и работењето на институциите кои, како што велат, со години биле перципирани со ниска доверба од страна на јавноста
На седница одржана на 16 октомври годинава, односно минатата среда, Владата донела одлука за отповикување на четири од пет члена на Надзорниот одбор на Акционерското друштво „Медиумска информативна агенција“ (МИА).
Со владината одлука, од членови на Надзорниот одбор на МИА се отповикуваат Александра Мицоска-Митевска, Мери Илиќ, Стојанче Наумов и Татјана Поповска како независен член. На нивно место се избрани Борис Јосифовски, Воислав Цветковски, Верица Иванова и Љубица Томиќ како независен член.
Отповикувањето и именување на членови на Надзорниот одбор на МИА, како што е наведено во владината одлука, е согласно членот 383, став 1, точка 3 од Законот за трговски друштва, при што Владата на РСМ постапува во својство на собрание на Акционерското друштво „Медиумска информативна агенција“ во државна сопственост.
Одлуката стапува во сила на денот на донесувањето.
Во изјава за „360 степени“, од Владата ја потврдуваат ваквата одлука. Како образложение, оттаму ја наведуваат владината заложба за промена на состојбите во функционирањето и работењето на институциите кои, како што велат, со години биле перципирани со ниска доверба од страна на јавноста.
„Владата има силна заложба кон промена на состојбите која со години беше оценета и перципирана во јавноста со ниска доверба во делот на функционирањето и работењето на институциите и за таа цел се случува оваа, но и многу други кадровски промени кои граѓаните ги очекуваат, а е со цел да се димензионира темпо на работа кое одговара со програмските определби на новата влада“,
велат од Владата во изјава за „360 степени“.
Според владината одлука, отповикани се сите освен Ардиан Исени, кој има статус на независен член на Надзорниот одбор. Независен член е и Татјана Поповска, но со одлуката на Владата, таа е отповикана.
Четворица од досегашните членови на Надзорниот одбор на МИА, според информациите за раководството на Акционерското друштво кои се достапни на официјалната веб-страница, на овие позиции стапиле на 13 април 2021 година. Еден од членовите, кој сега е отповикан, е на позицијата од 31 мај 2022 година.
Со АД МИА управува Управен одбор кој се состои од 5 члена. Членовите и претседателот на Управниот одбор ги избира Надзорниот одбор. Претседателот на Управниот одбор го застапува Друштвото во односите со трети лица и носи назив генерален директор. Членовите на Надзорниот одбор ги избира Собранието на Друштвото, а правата и обврските на Собранието на Друштвото ги врши Владата на Република Северна Македонија.
Актуелен директор на АД МИА е Драган Антоновски.