Талески е во затвор по пресуда за случајот „Транспортер“ и доби намалување од една година. За доиздржување му останува казна затвор за околу три години
По укажување на Комисијата за помилување, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го помилува поранешниот градоначалник на Општина Битола, Владимир Талески, објави попладнево ТВ Телма.
Комисијата, како што пренесува телевизијата, го уважила барањето на Талески и неговите адвокати во делот на намалување на казната и целосно ослободување и прифатила делумно намалување на остатокот од затворската казна.
Талески е во затвор по пресуда за случајот „Транспортер“ и доби намалување од една година. За доиздржување му останува казна затвор за околу три години.
Се сомничеше за финансиски злоупотреби за превоз на ученици од тогашното Специјално јавно обвинителство (СЈО), за што беше формиран предметот „Транспортер“.
Ова е втор пат Талески да биде помилуван од претседател на државата. Во 2016 година, тогашниот претседател Ѓорѓе Иванов колективно потпиша аболиција на 56 лица, главно политичари и функционери, меѓу кои беше и Талески.
По измените на Законот за аболиција, Талески самиот побара да се повлече одлуката за негова аболиција, а во меѓувреме поднесе и претставка до Судот во Стразбур, каде што беа отфрлени неговите наводи во насока да се исцрпат сите правни средства во земјава.
Откако минатата година се направија измени на Кривичниот законик, казните за делото за кое беше осуден Талески се намалија, поради што, како што објави ТВ Телма, сега Комисијата за помилување смета дека на овој начин треба да се намали и неговата казна.
Апелацискиот суд во 2022 година донесе правосилна пресуда за случајот на Талески за кој беше осуден на седум години затвор, но бидејќи во куќен притвор помина три години, за одлежување во затвор му останаа уште четири години.
Неговиот соработник во тоа време од Општина Битола, секретарот Слободан Бончановски, за истото крично дело беше осуден на пет години и шест месеци затвор.