Во врска со содржината на претставката, претседателката на ДКСК кусо ни одговори дека станува збор за наводи за непочитување на условите што ги бара законот за именување на директор на Агенцијата за национална безбедност
Неполна недела по именувањето на Бојан Христовски за нов директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), до Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) веќе стигнала анонимна претставка во која се оспорува законитоста на неговото именување.
Претседателката на Антикорупциска, Татјана Димитровска, во изјава за „360 степени“ потврди дека до нив стигнала ваква претставка и дека по неа е оформен предмет.
„Пристигната е претставка од анонимни извори, а се однесува на наводи за незаконско именување на директор на Агенцијата за национална безбедност. По добивањето на претставката оформен е предмет во Државната комисија за спречување корупција и по утврдувањето на фактичката состојба одлуката ќе ја соопштиме јавно на седница на Комисијата“,
ни изјави Димитровска.
Во врска со содржината на претставката, претседателката на ДКСК кусо ни одговори дека станува збор за наводи за непочитување на условите што ги бара Законот за именување на директор на АНБ.
Именувањето на Бојан Христовски за директор на институцијата задолжена за безбедноста и контраразузнавањето предизвика многубројни прашања и реакции во јавноста. Една од главните се однесува на тоа што тој до неодамна беше член на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на Градскиот комитет на партијата во Скопје. Од Владата, но и самиот Христовски, изјавија дека тој ја завршил својата партиско-политичка кариера со тоа што лани во декември се повлекол од членство во партијата и дека Законот за АНБ не е прекршен во неговиот случај.
Сепак, неговите објави на социјалните мрежи оставаат траг за неговата блискост со ВМРО-ДПМНЕ и неговиот претходен политички ангажман во прилог на партијата.
Дополнително, неговото именување за директор на АНБ наиде на жестоки критики од опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија. Оттаму, освен за идеолошко-партиската профилација на Христовски во прашање ги доведуваат и останатите услови што Законот ги бара за именување на директор на Агенцијата.
Од партијата сè уште го сметаат за отворено прашањето дали новиот директор на АНБ има петгодишен стаж на раководни позиции согласно законските услови, обвинувајќи оти во неговата биографија нема прецизни датуми за раководно искуство од 2012 до 2017 година. Оттаму велат оти нема потврда ниту за тоа дали првиот човек на АНБ има вистински документ за соодветно познавање на англискиот јазик, зашто, како што велат, документот што го приложил е од училиште во Пловдив, Бугарија, каде што воопшто нема ТОЕФЛ-центар за тестирање.
Друго прашање, кое отвора дилеми во јавноста, е поседувањето на потребните безбедносни сертификати за ракување со документи од доверлив карактер.
„Назначувањето на Бојан Христовски за нов директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), премиерот Христијан Мицкоски и Владата го направија во диктаторски манир, со киднапирање на една од најсериозните институции во сферата на безбедноста“,
изјави вчера лидерот на СДСМ, Венко Филипче, коментирајќи го во одговор на новинарско прашање именувањето на новиот директор на АНБ.
Министерот за здравство и еден од лидерите на „Вреди“, Арбен Таравари, во интервјуто за „360 степени“ емитувано вчера вечер на МРТ 1, во врска со именувањето на Христовски рече дека тој не бил консултиран и дека изборот на директор на АНБ е на премиерот Христијан Мицкоски.
Таравари вели дека на чело на АНБ не смее да биде партиски човек, а за Христовски, како што кажа, тој засега нема доволно информации.
Во интервју за емисијата „Код“ емитувано на ТВ Телма во неделата, Христовски прашан за дилемите што се отворија во јавноста по неговото именување рече и дека во текот на кариерата ги поседувал сите безбедносни сертификати до „државна тајна“. Тој смета дека во 2020 година, во политички монтирана безбедносна хајка, не му бил продолжен безбедносниот сертификат. Откако се вратил во МВР минатата година, повторно аплицирал за безбедносен сертификат со степен „строго доверливо“ и го добил, како што рече, за експресно брзо време.
Во врска со објавата на Фејсбук во која тој го честита петтиот роденден и како што вели последен роденден на АНБ, тој објасни дека таа се однесувала на залагањата на актуелната влада за спојување на АНБ и Агенцијата за разузнавање во една институција.
За партиско-политичката кариера тој кажа дека ја завршил во декември лани кога со враќањето во МВР го отповикал своето членство во ВМРО-ДПМНЕ.
„Согласно законот, не е дозволено членување во политички партии за ниту еден од вработените. Исто како што е во МВР. Во моментот на моето именување и претходно при моето, условно кажано, враќање во МВР во декември 2023 година, односно одреден период претходно, со пополнување формална изјава, со барање до политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, се изземав, односно се отчленив, од партијата“,
рече Христовски во интервјуто за „Код“.
Прашан како ќе постапи кога ќе му се јави доскорашниот партиски шеф, а сегашен премиер и побара нешто да направи како директор на АНБ, Христовски одговори дека секогаш бил самостоен во своето работење и одлучување.
Христовски на позицијата директор на АНБ го наследи Зарко Милошевски, кому не му беше истечен мандатот, туку е разрешен од функцијата, која ја извршуваше неполни две години, иако мандатот на директорот, според закон, е четири години.
Од Владата досега не излегоа со информации или соопштение за причините за разрешувањето на Милошевски.