ИДФ: Хезболах крие 500 милиони долари во бункер под болница во Бејрут

Израелските одбранбени сили (ИДФ) декласифицираа разузнавачки информации за финансиските центри на Хезболах.

Израел во неделата вечер ја прошири својата кампања против Хезболах, почнувајќи серија напади за да ја поткопа способноста на групата да ги финансира своите операции.

– Израелските воздухопловни сили извршија серија прецизни напади врз финансиските упоришта на Хезболах, изјави контраадмиралот Даниел Хагари, портпарол на ИДФ.

– Една од нашите главни цели минатата ноќ беше подземен трезор со десетици милиони долари во готовина и злато. Парите се користеа за финансирање на нападите на Хезболах врз Израел, додаде тој, без да прецизира дали сите пари биле уништени во нападот.

Тој спомна и бункер под болницата во главниот град Бејрут, за кој исто така се вели дека наводно е полн со готовина и злато. Тој нагласи дека бункерот се уште не бил цел на ИДФ.

– Според проценките што ги имаме, во овој бункер се чуваат најмалку половина милијарда долари во банкноти и злато. Овие пари би можеле да се искористат за обнова на државата Либан, рече Хагари.

Тој презентираше мапа на која е прикажана локацијата на бункерот, под болницата Ал-Сахел во јужното предградие на Бејрут, познато како Дахијех, каде Хезболах воглавно е базиран. Тој ги повика либанските власти и меѓународните организации да го спречат Хезболах да користи „пари за тероризам и напади врз Израел“ и предупреди дека израелските воздушни сили го надгледуваат комплексот.

Прочитајте и:  ОН: Израелските доселеници протерале над 1.720 Палестинци од Западниот брег

Тој истакна дека Израел е во војна со Хезболах, а не со либанскиот народ, најавувајќи дека ИДФ нема да ја нападне болницата. Генерал-полковник Херзи Халеви, началник на Генералштабот на ИДФ, соопшти дека биле погодени повеќе од дваесет цели на Ал-Кард Ал-Хасан, компанија поврзана со Хезболах.

Ал-Кард Ал-Хасан е финансиска компанија, официјално регистрирана како добротворна организација, која од 1980-тите на клиентите им нуди заеми во замена за златни депозити на бескаматна основа. Израел го обвинува Хезболах дека преку оваа компанија заработува пари од либански цивили.

САД долго време ја санкционираат компанијата, обвинувајќи го Хезболах дека ја користи како параван за да ги скрие своите финансиски активности и да добие пристап до меѓународниот финансиски систем.

- Реклама -