Право на бесплатна вакцина имаат ризичните групи. Вакцинацијата ќе се спроведува на 36 локации во целата држава, а сите пријавени добиваат СМС порака за датумот, точното време и место за вакцинација. Освен бесплатните, во Центрите за јавно здравје и годинава набавени се и комерцијални вакцини против грип
Вакцинацијата против сезонски грип започнува од утре. Министерството за здравство за оваа намена обезбеди 70 илјади бесплатни вакцини.
Право на бесплатна вакцина имаат ризичните групи како повозрасни лица над 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени, деца на возраст од шест месеци до пет години, како и лица сместени во установи за социјална заштита на стари лица и вработените во установи за социјална заштита на стари лица.
Според надлежните, досега на интернет-страницата вакцинација.мк се пријавиле 33 000 граѓани.
Од Комисијата за заразни болести (КЗБ) велат дека со вакцинацијата овие ризични групи ќе се заштитат од тешки форми на болеста. „Ова е наједноставниот и најквалитетниот начин да се заштитете од грипот во зимските месеци кога е сезоната на грип“, вели д-р Злате Мехмедовиќ, портпарол на КЗБ.
Вакцинацијата ќе се спроведува на 36 локации во целата држава, а сите пријавени добиваат СМС порака за датумот, точното време и каде да дојдат за вакцинација.
Во Скопје вакцинација ќе се врши во Центарот за јавно здравје, како и во поликлиниките Букурешт, Идадија и Бит Пазар. Здравствените работници, пак, ќе можат да примат вакцина и во Институтот за јавно здравје.
Освен бесплатните, во Центрите за јавно здравје и годинава набавени се и комерцијални вакцини против грип за заинтересираните граѓани кои не се дел од ризичните групи.