(ВИДЕО) Лани доби третман на дивоградба, сега пак се гради

Станува збор за објект во градба зад пензионерскиот дом во Чаир за кој, кога првпат пишувавме лани, градоначалникот на општината Висар Ганиу веднаш издаде решение да прекине со градба и земјиштето да се врати во првобитна состојба

Јамата, сепак, никогаш не се затрупа, а од неодамна повторно се гради на локацијата. Нема табла кој и што гради, а овојпат нема информација и од Општина Чаир – дали се гради без или со одобрение за градба

Објектот на левата страна од овој кадар е Пензионерскиот дом „Лика Чопова“ во скопски Чаир, изграден во 1980 година. Градилиштето десно од него е ново, од пред помалку од една година и е на парцела на која до лани имаше барака.

Зошто воопшто е важна токму оваа градба? Затоа што градењето еднаш веќе беше запрено, Општината нареди земјиштето да се врати во првобитна состојба, за случајот се заинтересираа и МВР и Владата, но сепак деновиве повторно се гради. И повторно, нема истакната табла – кој е инвеститор, кој е изведувач, по кое одобрение за градба се гради и што.  

Абе оградата вака работеа и оградата падна доле. Знаеш каква ружа имав, срце ме боли за ружата. Цело маало вака мирисаше, ама тоа е, со кого да се разбереме… нема бегање“,

вели пензионерката Димитриевска.

Пензионерката Мирјана Димитриевска е станарка во домот дваесет години. Вели, иако со годините делумно го има изгубено слухот, звуците на тешка машинерија и бетоњерки успеваат да ја разбудат во раните утрински часови – па и за време на викендите.

Цевката ја турија тука, му викам пред некој ден да ја пренесат, ми вели има време. Абе утре ќе почне да мрзне вода ќе немаме да пиеме… ама кој те слуша, никој. Они си тераат по нивно. Во саботата од сабајле до ноќ работеа ама што дека, викај, јас ги марширав ама нема, не те фермаат“,

вели Димитриевска.

Покрај дворот кој им е скратен за половина, друг проблем за станарите е нарушувањето на статиката и пукањето на ѕидовите во стариот објект.

На почетокот на летово, кога имаше обилни врнежи, градежната јама, која по наредба на општината требаше да се врати во првобитна состојба, се наполни со вода и предизвика лизгање на дел од оградата и дворовите од пензионерскиот дом. Непознатиот инвеститор и тогаш не ја затрупа јамата, туку изгради потпорен ѕид кон домот. Сега, проблем за станарите се секојдневните градежни работи. Најмногу се погодени оние што живеат на приземје.

Почнаа они да бетонираат. Железата ги поставија се и донесоа цистерна да бетонираат. Тогаш струја од мене, јас велам вода немаме ајде ќе дадам. Тој вели 5 минути тетко, ама какви 5 минути, два саата, три скоро работеа сечеа железо со струја од мене и ми прегоре тогаш осигурач“,

кажа една од пензионерките кои домуваат во „Лика Чопова“.

Парцелата на која беше запрено, а сега продолжува градењето на засега непознатиот објект, е обележана со број 4527 во катастарска општина Чаир. Земјиштето има вкупно 667 квадратни метри кои и во моментов се водат на име на Република Македонија. Во приватна сопственост е само поранешната барака. Била легализирана во 2014 година, до скоро беше во сопственост на физичкото лице Седат Адем, а од скоро газда е фирмата „Аванти систем“ ДООЕЛ.

Кога „360 степени“ првпат извести за случајот, од Општина Чаир беа децидни – објектот е дивоградба и наредија веднаш да се врати во првобитна состојба.    

„Јас мислам дека или не се добро информирани или преку оваа градба сакаат да добијат нешто повеќе од она што им следува со деталниот план. Тука е целата работа, што они одбегнуваат да почнат нешто што е легално, можеби тенденцијата е да направат некој спрат повеќе, што од друга страна ја загрозува целата негова инвестиција бидејќи утредента нема да има ниту еден документ да има ако тргнале на таа база“,

рече градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу во октомври минатата година.

На тогашните информации дека МВР направиле увид на терен, при што било утврдено дека инвеститорот ги има потребните документи, градоначалникот Ганиу реагираше:

Не е точно дека има уредна (н.з. документација), Јас ви тврдам дека нема, бидејќи да имаше тоа ќе беше подобро и за мене, немаше јас цел ден да се бавам со моиве сограѓани, со инспекторатот, со новинари, значи навистина ви тврдам дека немаат документација и пак велам имаат право да градат во таа маркица, но треба да ги поминат сите процедури“,

кажа Ганиу.

Сега, откако повторно почна да се гради зад пензионерскиот дом, повторно се обративме до Општината Чаир. Прашавме – дали во меѓувреме инвеститорот добил одобрение за градба? Ако добил, колкав и каков објект може да гради? Не добивме никаков одговор, ниту на електронското писмо, ниту на телефонските повици.

А според изводот од Деталниот урбанистички план што го добивме лани, на локацијата на која сега се гради имаше маркица која на сопственикот му дозволува изградба на приземје плус два ката и поткровје. Основата на градбата, на хартија, е видливо помала од она што се гради во реалноста.

Соседите на новата градба велат дека до нив доаѓаат информации дека градбата ќе биде многу повисока.

Тие вработените, некои деца, ќе ги прашам кога ќе побараат вода тука. Едни велат на осум спрата, други велат на шест. Не кажуваат, не исправаат не знаат изгледа ниту вработените“,

Општината Чаир не е единствената институција која зборуваше отворено, но сега молчи за случајот. Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, кога на чело беше Фатон Арифи од ДУИ, кон крајот на минатата година, во вонреден инспекциски надзор во Општината, утврди дека Чаир нема овластен градежен инспектор. За контекст, сето тоа се случи откако општината ја запре изградбата на објектот. Државниот орган побара да ги преземе ингеренциите на локалната власт во областа на градежната инспекција, но поради законски недоречености такво нешто не одобри Министерството за транспорт.

Откако повторно со бетон почнаа да се полнат темелите кои лани беа наречени дивоградба, пак се обративме до Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам. Со институцијата сега раководи Зухејр Реџепи кој доаѓа од коалицијата „Вреди“, истата политичка групација на која и припаѓа градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу. И тие останаа неми на нашите прашања.

Единствените со храброст да зборуваат засега остануваат пензионерите во домот „Лика Чопова“. Нека остане забележано дека по нашето последно снимање на локацијата, некои од нив добија закани дека ќе бидат иселени од домот ако зборуваат со медиумите во врска со изградбата на објектот до нив. И покрај обидот да ги заплашат, решија да не молчат.

- Реклама -