Разузнавачките служби на Јужна Кореја истакнаа дека севернокорејските војници ќе бидат задолжени за лансирање на севернокорејските ракети
Украина е загрижена поради евентуално влошување на ситуацијата на фронтот доколку на руската армија ѝ се придружат војници од Северна Кореја.
Јужна Кореја тврди дека Пјонгјанг испратил 1 500 војници во бази на рускиот Далечен Исток на обука и аклиматизација и оти тие најверојатно ќе бидат распоредени на фронтот во Украина.
Разузнавачките служби на Јужна Кореја истакнаа дека севернокорејските војници ќе бидат задолжени за лансирање на севернокорејските ракети.
Шефот на украинската дипломатија Андриј Сибиха, на заедничката прес-конференција во Киев со францускиот колега Жан-Ноел Баро, предупреди на „огромната“ опасност од влошување на ситуацијата на фронтот.
Претходно, претседателот на Украина, Володимир Зеленски, ја обвини Северна Кореја дека се подготвува да испрати 10 000 војници како помош за Русија.
Од август минатата година досега Северна Кореја ѝ достави на Русија артилериска муниција, балистички ракети и противтенковски ракети.
Москва и Пјонгјанг негираат дека тргуваат со оружје, а Кремљ демантира дека Северна Кореја испратила војници во Русија.