Овие напади доаѓаат по ракетниот напад утринава од Либан кон северот на Израел и испраќањето дрон кон приватната резиденција на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху
Израелски авиони денеска извршија напади врз јужните предградија на Бејрут откако повикаа на евакуација на населението од тој дел од градот, кој Израел го смета за главно засолниште на исламистичкото движење Хезболах.
Тоа е прв напад во последните три дена.
Либанската агенција АНИ објави дека два „непријателски удари“ биле насочени кон зграда во областа Харет Хреик.
Израелската армија ги повика жителите на таа населба да ја евакуираат областа.
„Итно предупредување до жителите на јужните предградија, особено оние на населбата Харет Хреик: живеете во близина на објектите и интересите на Хезболах против кои израелската армија ќе спроведе операции во блиска иднина“,
напиша на арапски на платформата Икс Авичаи Адраи, портпарол на израелската армија.
Слични повици за евакуација беа испратени и до две други населби во предградијата на Бејрут кои беа цел на напади на израелските сили.
Овие напади доаѓаат по ракетниот напад утринава од Либан кон северот на Израел и испраќањето на дрон кон приватната резиденција на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Најмалку 1 418 луѓе се убиени во Либан од почетокот на масовните бомбардирања на Израел на Хезболах на 23 септември, според извештајот на АФП заснован на официјални податоци.
ОН идентификуваа околу 700 000 раселени лица, вклучително и голем број жители на јужните предградија на Бејрут.