Шолц вети дека ќе ги зајакне одбранбените врски со Турција: Одобривме испорака на оружје и воена опрема

Запрашан за интересот на Турција за купување авиони „еурофајтер тајфун“, Шолц рече дека во моментов се водат разговори меѓу Велика Британија и Турција за потенцијална продажба

Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска беше во посета на Истанбул каде вети дека ќе ја зајакне одбранбената соработка со НАТО сојузникот Турција.

Говорејќи на заедничката прес-конференција со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган по средбата, Шолц потврди дека неговата влада неодамна одобрила испорака на одредено оружје и воена опрема за Турција.

„Турција е сојузник во НАТО и во таа смисла ние носиме одлуки кои водат до конкретни испораки – тоа се подразбира. Неодамна донесовме такви одлуки, а во иднина ќе има уште“,

изјави Шолц.

Германскиот канцелар Олаф Шолц и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган позираат за медиумите за време на прес-конференција во Истанбул, Турција, 19 октомври 2024 година, Фото: EPA-EFE/TOLGA BOZOGLU

Запрашан за интересот на Турција за купување авиони „еурофајтер тајфун“, Шолц рече дека во моментов се водат разговори меѓу Велика Британија и Турција за потенцијална продажба.

„Има проекти кои се само во почетна фаза. Онојвој што го спомнавте го води британската влада. Преговорите сега почнаа. Во таа смисла, тоа е нешто што ќе продолжи да се развива. Воените авиони ‘еурофајтер тајфун’ заеднички ги произведуваат Велика Британија, Германија, Италија и Шпанија. Вклучувањето на Германија во производствениот процес бара нејзино конечно одобрување за да продолжи продажбата“,

рече Шолц.

Германската продажба на оружје на Турција во последниве години беше во голема мера блокирана од Партијата на зелените, коалициониот партнер на канцеларот Шолц, поради внатрешно-политички притисоци и различните ставови за надворешната политика.

- Реклама -