Фицо: Планот за победа на Зеленски е контроверзен, може да предизвика трета светска војна

Словачкиот премиер Роберт Фицо изјави денеска во Брисел дека Планот за победа на украинскиот претседател Володимир Зеленски е „контроверзен“ и изрази уверување дека членството на Украина во НАТО не е добра идеја.

Фицо повтори дека го поддржува членството на Украина во ЕУ, но дека верува дека членството на земјата во НАТО – што е една од точките на Планот за победа на Зеленски – може да предизвика трета светска војна.

„Им кажав на сите лидери на ЕУ, во присуство на претседателот Зеленски, дека филозофијата на владата што ја предводам сe уште важи и дека сакаме да се фокусираме на значајна и рационална соработка со Украина, чиј резултат не треба да биде убивање, туку помагање на луѓето кои се потребни“, рече Фицо.

Прочитајте и:  Орбан: Следуваат двата најопасни месеци од војната, Западот треба најсериозно да ги сфати зборовите на Путин

Според него, станува збор за контроверзен план што создава поделби меѓу земјите и тоа е причината што Европскиот совет не донел јасен став за тоа прашање.

Фицо рече дека Русија го прекршила меѓународното право со „инвазија на Украина и заземање нејзина територија“, но истакна дека не му се допаѓаат предлозите што поттикнуваат отворена дебата, како што е приемот на Украина во НАТО и испораката на ракети со среден дострел што можат да погодат цели во Русија.

Тој рече и дека четвртата заедничка седница на украинската и словачката влада треба да се одржи во јануари или февруари во Словачка.

- Реклама -