На прашањето за тоа што сега на чело на АНБ е поставен претседател на Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ за Скопје, наспроти законскиот услов дека директорот на Агенцијата не треба да биде член на политичка партија, премиерот Мицкоски рече дека тоа не е пречка да не биде избран на позицијата, оти кога бил вратен на работа во МВР поднел оставка и се деполитизирал
Како претседател на Владата повеќе од два месеца не добив ниту еден извештај од Агенцијата за национална безбедност (АНБ), додека некои други добиваа, што не се во формалниот политички живот, ниту во институциите. Ова вечерва во гостување во Дневникот на ТВ Сител го изјави премиерот Христијан Мицкоски, коментирајќи ги причините за вчерашното разрешување на Зарко Милошевски од директорската позиција во АНБ и именувањето на Бојан Христовски на негово место.
„Ова го зборував јавно и тогаш го добив првиот извештај. Првиот извештај кога го читав, мислам дека читав сумарен извештај на тоа што е пишувано претходниот ден на порталите. И тогаш си реков дека ако ова е извештај на АНБ, тогаш ние имаме сериозен проблем со националната безбедност“,
рече тој.
На констатацијата на новинарот дека ова се сериозни обвинувања, премиерот рече дека обвинувањата се најсериозни, но поради заштита на тајноста нема да ги кажува деталите.
„Но, тоа што го прочитав таму и не е некоја тајна, бидејќи го читав претходниот ден на порталите. И викам, ако ова е нивната работа, тогаш мора под итно мора нешто да менуваме“,
вели премиерот.
За Бојан Христовски, новиот директор на АНБ, Мицкоски рече дека долги години е дел од безбедносниот сектор во Министерството за внатрешни работи и во поранешната Управа за безбедност и контраразузнавање, како и човек со големо искуство.
„Тој беше жртва на политички мобинг и реваншизам во времето кога се формираше АНБ. На незаконски начин му беше одземен сертификатот, па потоа вратен. Доби и пред судот. Нема поголема лична сатисфакција кога тоа ќе го остварите и низ правен процес“,
рече тој.
На прашањето за тоа што сега на чело на АНБ е поставен претседател на Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ за Скопје, наспроти законскиот услов дека директорот на Агенцијата не треба да биде член на политичка партија, премиерот Мицкоски рече дека тоа не е пречка да не биде избран на позицијата, оти кога бил вратен на работа во МВР поднел оставка и се деполитизирал.
На коментарот дека на фејсбук-профилот на Христовски можат да се видат неодманешни објави во кои тој промовира дел од одлуките на актуелната влада, премиерот вели дека дали тој има симпатии кон некои политички партии е друго прашање, односно дека сите имаат право на такво однесување.
„Полициски функционери во минатото, што секако не е добро да се повторува, беа присутни на митинзи за политички партии“,
вели Мицкоски.
Бојан Христовски на вчерашната владина седница е именуван за директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) на местото на Зарко Милошевски, кому не му истече мандатот, туку е разрешен од функцијата, која ја извршуваше неполни две години, иако мандатот на директорот, според закон, е четири години.
Мицкоски претходно денеска рече дека во периодот што следува, јавноста ќе дознае како Агенцијата за разузнавање, но и АНБ се злоупотребувале за партиски и лични цели и дека има доста уплашени структури.