Орбан за планот на Зеленски: Тоа е повеќе од страшно

Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска изјави дека Европската унија треба да ја промени својата „воена стратегија“ во „мировна стратегија“ и повика на прекин на огнот и мировни преговори.

Во пресрет на работниот појадок, пред пратеничката група „Патриоти за Европа“ во Европскиот парламент, Орбан рече дека очекува Самитот на ЕУ да биде „тежок“ и дека го очекуваат неколку „битки“, пренесе МТИ.

Според него, првата „битка“ ќе се води за војната во Украина, а Орбан истакна дека украинскиот претседател Володимир Зеленски ја закажал презентацијата на својот „План за победа“ на самитот.

„Сè уште не го знаеме тоа официјално, но слушнавме што рече тој вчера во украинскиот Парламент. Тоа е повеќе од страшно“, рече тој.

Орбан истакна дека тој е „понекогаш единствениот“ кој повикува на промена на воената стратегија, бидејќи ЕУ „моментално ја губи војната“.

Тој ја критикуваше стратегијата на ЕУ, велејќи дека европскиот блок „влезе во војната со лошо испланирана и лошо спроведена стратегија заснована на погрешни пресметки“.

Прочитајте и:  Кулеба: Војната во Украина нема брзо да заврши

„Очигледно ја губиме војната на фронтовите. Затоа ни е потребна промена… Не мислам на повеќе војна или поопасно оружје, туку треба да ја замениме стратегијата на војна со стратегија на мир, а тоа значи прекин на огнот и мировни преговори“, рече Орбан.

Тој оцени дека вчерашните изјави на Зеленски во Собранието отишле во погрешна насока и затоа ги повика германскиот канцелар Олаф Шолц и францускиот претседател Емануел Макрон да започнат преговори со Русите „за да се најде излез од оваа ситуација“.

Орбан, исто така, рече дека постои и „битка околу миграцијата“, додавајќи дека многумина сакаат да ги променат регулативите за миграција. Тој го нарече „неприфатливо“ тоа што Унгарија е „критикувана за заштита на границите на ЕУ“.

Според него, сè поголем број земји-членки укажуваат на миграциска криза и затоа, како што рече, е потребна промена.

- Реклама -