Северна Македонија и Бугарија во Брисел се согласија заеднички да продолжат со изградбата на пругата од Коридорот 8

Од Европската комисија го поздравуваат, како што велат, повторното потврдување на посветеноста на Бугарија и Северна Македонија на Коридорот 8, што ја покажува подготвеноста за регионална соработка која е од суштинско значење за иднината на двете земји

Изградбата на пругата кон Бугарија изминатиов период беше повод за дополнителни тензии меѓу Софија и Скопје, откако вицепремиерот и министер за транспорт на земјава, Александар Николоски, отворено се спротивстави на продолжувањето на изградбата на третата делница (Крива Паланка – Деве Баир), обвинувајќи ја Бугарија дека нема проект за Коридорот

Северна Македонија и Бугарија денеска на состанок на високо ниво во Брисел се согласиле заеднички да продолжат со изградбата на железничката пруга на Коридорот 8, соопшти Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување на Европската Унија (ЕУ).  

Учесниците на состанокот на високо ниво Брисел / Фото: Европска комисија

На состанокот на високо ниво учестувале бугарскиот заменик-министре за транспорт и врски Бисер Минчер, државниот секретар во Министерството за транспорт на земјава Стефан Велковски, директорот за железничка инфраструктура на Северна Македонија Синиша Ивановски и претставници на Комисијата на ЕУ, на Европската инвестициска банка (ЕИБ), Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и на Секретаријатот на транспортната заедница на Унијата.  

Двете земји, според соопштението, се согласиле да одржат редовен дијалог на високо ниво и да формираат заедничка работна група за Коридорот 8.  

„Дополнително, соодветните министерства ќе работат на изнаоѓање координирано техничко решение за изградба на прекуграничниот дел од Коридорот. Северна Македонија и Бугарија, исто така, ја поздравуваат поддршката на Координаторот на Европскиот коридор за Западен Балкан – Источен Медитеран и на Постојаниот секретаријат на Транспортната заедница за напредување на Коридорот 8“,

се вели во соопштението.  

Од Генералниот директорат за соседство и преговори го истакнуваат значењето на Коридорот 8, посочувајќи дека станува збор за критична железничка врска за целиот регион и ЕУ, кој ќе донесе побрз пренос на стоки и патиници, како и зголемување на мобилноста, пристап на пазарот и конкуретноста на Западен Балкан.  

„Комисијата го поздравува повторното потврдување на посветеноста на Бугарија и Северна Македонија на Коридорот 8, што ја покажува подготвеноста за регионална соработка која е од суштинско значење за иднината на двете земји. Источниот дел од Коридорот 8 ги поврзува Северна Македонија и Бугарија и е дел од Западен Балкан – европскиот коридор на Источен Медитеран и главен проект на Глобалната порта на ЕУ. Со финансиска помош од ЕУ за подготовка на проекти и инвестициско кофинансирање според Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан, Северна Македонија и Албанија ги надградуваат постојните линии и ги градат алките што недостасуваат долж Коридорот“,

се додава во соопштението.  

Инаку, изградбата на пругата кон Бугарија изминатиов период беше повод за дополнителни тензии меѓу Софија и Скопје. Ова дојде откако вицепремиерот и министер за транспорт на земјава, Александар Николоски отворено се спротивстави на продолжувањето на изградбата на третата делница (Крива Паланка – Деве Баир), обвинувајќи ја Бугарија дека нема проект за Коридорот.  

На неговите изјави, освен од Софија реакции стигнаа и од специјалниот германски пратеник за Западен Балкан, Мануел Сарацин, кој изрази загриженост дека новата влада во земјава изгубила интерес за реализација на проектот и дека наместо на овој коридор, во Скопје се дава приоритет на Коридорот 10 кој ги поврзува Австрија, Словенија, Хрватска, Србија, Северна Македонија и Грција. 

Сепак, премиерот Христијан Мицкоски на 7 октомври на заедничката прес-конференција со својот српски колега Милош Вучевиќ, кој беше во официјална посета на земјава, рече дека Коридорот 8 останува приоритет на македонската Влада. 

Во истата прилика тој го најави и состанокот на високо ниво во Брисел, меѓу претставници од бугарска и од наша страна, на кој, како што рече, ќе се решава за иднината на проектот.  

Вицепремиерот и министер за транспрот, Александар Николоски неодамна во интервју за „360 степени“ потврди дека тендерот за реализација на третата фаза од пругата кон Бугарија е пропаднат – и за надзор и за изведба. 

Прашан што значи тоа, вицепремиер и министер одговори: 

„Тоа значи дека мислам дека треба да седнеме со Бугарија, јас би и утре ама претпоставувам ќе сакаат да завршат изборите таму и да се формира политичка влада, заеднички да направиме проект, да видиме дали оваа линија е најдобра, да видиме дали има подобра линија, јас мислам дека има и заеднички да направиме проект, заеднички да најдеме финансирање и заеднички да го тендерираме. Само така има логика. Ако правиме башка ние, башка Бугарија, нема да се заврши никогаш, ако настапиме заеднички како соседни држави оти границите се вештачка работа, тогаш мислам дека апсолутно ќе се реализира.“ 
 

- Реклама -