Основните училишта во Карпош од утре ќе немаат греење, Општината бара Владата да го плати долгот кон ЕСМ

Јакимовски денеска на прес-конференција, изнесувајќи ги долговите што секое основно училиште го има кон ЕСМ, упати порака до Владата да го напушти популизмот и да ги обезбеди основните функции на државата, во кои спаѓа и образованието, да можат нормално да егзистираат и да функционираат

Основните училишта во Општина Карпош утре на првиот ден од стартот на грејната сезона нема да добијат топлинска енергија, информираат од „ЕСМ – Снабдување со топлина“.

Од компанијата велат дека грејната сезона во училиштата во Карпош ќе почне на 1 ноември и оти тоа е на барање на Општината.

Градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски, вели дека „ЕСМ – Снабдување со топлина“ нема да испорачува топлинска енергија во училиштата поради долгот што Општината го има кон компанијата.

Јакимовски денеска на прес-конференција, изнесувајќи ги долговите што секое основно училиште го има кон ЕСМ, упати порака до Владата да го напушти популизмот и да обезбеди основните функции на државата, во кои спаѓа и образованието, да можат нормално да егзистираат и да функционираат.

„Да се тргнат од голиот популизам во којшто сега ќе ги обезбедат големите пет отсто за покачување на платите, а тоа го обезбедија преку недозволување за вработување на ниту едно ново во делот на образованието, без разлика дали е наставник или технички персонал. Со тие средства они вршат зголемување на тие пет отсто, односно луѓето се спремаат за локални избори. Затоа ги повикувам да овие 8 300 000 денари Владата да ги обезбеди, да ги најде и да ги плати затоа што локалната самоуправа не е должна ова да го прави“,

рече Јакимовски.

Според Јакимовски, кога за ова прашање се обратил до Министерството за образование, оттаму му реклле дека немаат пари и да се снаоѓа како што знае.

„Како имаат 36 милиони евра пари за ’Мајка Тереза’, а да си ги платат основните трошоци за да функционираат училиштата немаат пари. Значи навистина е чудно“,

додаде тој.

Во врска со информацијата дека радијаторите во основните училишта во Општина Карпош утре ќе останат студени, денеска владината портпаролка Марија Митева прашана дали се запознаени со оваа ситуација, рече дека и претходно говореле дека претпријатијата се оставени со големи долгови, но побара време да се проверат информациите и да се види за која сума станува збор.

Инаку, од „ЕСМ – Снабдување со топлина“ денеска информираа дека освен во основните училишта во Карпош, топлинска енергија утре нема да биде испорачана и во 117 објекти каде што сè уште не се обезбедени потребните услови.

Според податоците од „ЕСМ – Снабдување со топлина“, 25 од овие објекти имаат прекин на довод на електрична енергија во топлинската станица, во 23 објекти екипите на операторот на дистрибутивниот систем немаат пристап до топлинската станица, а 69 објекти се оневозможени да добијат испорака на топлина од системот за централно греење поради дефект во внатрешната инсталација на објектот.

Од компанијата упатуваат апел до потрошувачите и до заедниците на сопственици што побрзо да ги отстранат дефектите на внатрешните грејни инсталации и да обезбедат непречен пристап до топлинските станици, како и континуирано напојување со електрична енергија.

„Ова вклучува плаќање на сметките за електрична енергија за топлинските станици и одржување на функционална електрична инсталација. Потрошувачите можат да проверат дали нивниот објект е на листата на моментално затворени објекти кои немаат услови за испорака на топлинска енергија. Оваа листа е достапна на линкот Затворени објекти – ЕСМ снабдување (https://esm-snabduvanje.mk/?page_id=1348)“,

додаваат од ЕСМ.

- Реклама -