СДСМ обвинува за скандали во ЈПДП: Шефот задолжен за контрола на наплатата, самиот не плаќа патарина

Од опозициската партија го повикаа повика директорот на ЈПДП, Коце Трајановски веднаш да го разреши шефот на контрола на Наплатната служба на патарините во Петровец, а надлежните институции да преземат мерки за соодветна одговорност

Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) денеска продолжи со објавување на, како што велат, нови моменти од скандалот со поставување на партиски кадри од страна на директорот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) и владејачката ВМРО-ДПМНЕ на функции во рамките на државното претпријатие.

Од денешната прес-конференција на Менде Илиевски, советник на СДСМ во Општина Битола / Фото: СДСМ

Од опозициската партија вчера излегоа со обвинувања дека Трајановски и ВМРО-ДПМНЕ го поставиле Миланчо Митревски за шеф на контрола на Наплатната служба на патарините во Петровец, иако, како што тврдат од СДСМ, тој бил фатен како ја злоупотребува службената положба, за што имало изречено и дициплинска санкција против него.  

Според СДСМ, Митревски не ги исполнува условите за функцијата на која е поставен, а единствена квлаификација му е тоа што е тврдокорен партиски кадар на владејачката  партија и сопруг на советничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Велес.  

Денеска на прес-конференција, советникот на СДСМ во Општина Битола, Менде Илиевски излезе со тврдења дека шефот на контрола на патарините продолжува со злоупотребите, односно дека самиот не плаќа патарина.  

Доказ за ова, рече Илиевски, се снимките што им ги доставиле свиркачи, а кои, како што вели, покажуваат дека Митревски поминува со возилото на патарина без да плати.  

„Еве слика од оваа снимка на којашто се гледа возилото кое го управува Митревски. Поради заштита на лични податоци нема во целост да ја објавиме. На 15.08.2024 во 08:47 часот непосредно од кога е назначен заедно со неговата сопруга Бети, присилно го тера вработениот на наплатната станица ‘Отовица’ да го пропушти без да плати“,

рече Илиевски. 

Според него, ова било често пракса на Митревски и ги повика надлежните институциите веднаш да преземат мерки и да утврдат колку пати шефот на контролорите на патарините направил вакви дела.  

„Бидејќи овие податоци се јавно достапни, СДСМ ги провери на веб-порталот од Системот за електронска контрола на патарините и тие се целосно потврдени. Еве дел и од изводите. Возилото со регистерски таблички кое го управува Митревски не платило патарина. Ова се само дел од изводите, со точен датум и време. Сите се од оваа година, во различни месеци. Тој што треба да контролира наплата самиот не плаќа. Очигледно со амин на Коце Трајановски“,

рече Илиевски на прес-конференцијата.  

Тој го повика директорот на ЈПДП, Коце Трајановски веднаш да го разреши Митрески, а надлежните институции да преземат мерки за соодветна одговорност.  

- Реклама -