Владата и СОНК се договорија – просветарите во ноември ќе добијат 5 отсто поголеми плати

Според договореното, во март 2028 година, наставниците и професорите би требало да земаат отприлика минимум 48 проценти повисока плата од таа што ја земаат денеска. Може тоа да биде и повеќе, во зависност од тоа каква ќе биде приходната страна на буџетот, вели премиерот Мицкоски

Вработените во основното и средното образование ќе добијат покачување на платите од 5 отсто, објавија денека премиерот Мицкоски и претседателот на Синдикатот на образованието (СОНК) Јаким Неделков.

Неделков им се заблагодари на премиерот, на министерката за образование и на министерката за финансии бидејќи и покрај тешката економска ситуација и кондицијата на буџетот се нашле средства за да се исплати зголемувањето на платите.

„Задоволството е поголемо бидејќи се договоривме за континуиран раст на платите во основното и средното образование во период од 4 години. Според нашите заеднички математики, наставниците и професорите ќе имаат плата на ниво на просечната или повисока од неа. Ова е голем напредок и голем успех во преговорите, во социјалниот дијалог и во партнерството и доказ дека со заемно почитување и разбирање како социјални партнери, секогаш можеме да дојдеме до заемно прифатливи решенија. Моето лично убедување е дека со заокружувањето на преговорите за колективните договори за основно и средно образование и со нивната примена од март 2025 година ќе има одлични решенија кои ќе одат во подобрување на правата и обврските на просветните работници од една страна и на работадавачите, односно министерството за образование и наука“,

истакна Неделков.

На заедничката прес-конференција која се одржа во Владата, премиерот Мицкоски потенцира дека е задоволен од фактот дека е постигнат долгорочен договор кој натаму нема да предзвикува тензии во односите меѓу социјалните партнери. Според него, постигнат е договор кој е историски во насока на подобрување на финансиската состојба на наставниците и на професорите во основното и средното образование.

„Договорено е од октомвриската плата која што ќе биде исплатена во ноември да имаме покачување на 5 проценти на платите. Потоа, во март наредната година ќе имаме покачување од 7 проценти. Во март 2026 и во 2027 година, во зависност од состојбата на буџетот ќе имаме покачување од 7,5 до 10 проценти а во март 2028 година, исто така во зависност од тоа како ќе се полни буџетот ќе имам покачување помеѓу 10 и 12,5 проценти. Тоа, во овој дијапазон за кој сега зборуваме би значело во март 2028 година, наставниците и професорите би требало да земаат отприлика минимум 48 проценти повисока плата од таа што ја земаат денеска. Може тоа да биде и повеќе, во зависност од тоа каква ќе биде приходната страна на буџетот. Исто така, се договоривме до февруари наредната година колективниот договор да биде завршен, потпишан и веќе да имаме една јасна основа како натаму ќе може да се развиваме, кои ќе бидат коефициентите на сложеност на работните места бидејќи сега имаме нејаснотии во тој дел“,

подвлече Мицкоски

Премиерот истакна дека средствата се обезбедени благодарејќи на домаќинското работење на владата, нагласувајќи дека има зголемена наплата на давачките и од царината и од УЈП и дека се очекува и проектира раст на економијата која ќе генерира поголеми приходи во рамки на буџетот во следниот период.

„Не е направена алхемија, туку едноставно тие што беа криминалци во политиката или условно кажано лопови заминаа во опозиција и сега дојде влада која работи чесно и одговорно и парите се оттаму најдени. Не сме алхемичари, ниту магионичари за на поинаков начин ги најдеме парите“

рече Мицкоски.

- Реклама -