Филипче: СДСМ ќе предложи закон со кој ќе се почувствува реално намалување на цените на производите

„Тој предлог-закон ќе го поднесеме заедно со еден друг пакет на закони и ќе се однесува на 241 прозвод кои се во прехранбената кошничка“, најави пратеникот и лидер на СДСМ

Пратеничката група на СДСМ наскоро ќе поднесе предлог-закон до Собранието со кој граѓаните ќе почувствуваат реално намалување на цените на основните прехранбени производи, најави вечерва партискиот лидер и пратеник Венко Филипче во интервју за регионалната телевизија Кавадарци (КТВ).

„Тој предлог-закон ќе го поднесеме заедно со еден друг пакет на закони и ќе се однесува на 241 прозвод кои се во прехранбената кошничка. Мораме да интервенираме бидејќи сметаме дека Владата е во една целосна конфузија и безидејност и работи целосно спротивно на тоа што го најавуваше за време на предизборната кампања и спротивно на интересите на граѓаните“,

најави лидерот на СДСМ.

Од гостувањето на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, во интервју на КТВ

Спроед Филипче, владината одлука за ограничување на бруто-профитната маржа на 10 отсто за дел од основните производи нема реален ефект врз намалување на цените.

„Граѓаните мора да се свесни дека ќе имаат сè помалку пари во џебовите, сега ќе се соочат и со кризи, ќе има ценовни шокови како што има секоја есен и зима. За жал, не гледаме дека Владата нешто презема во тој дел. Најавија и донесоа некакви мерки за замрзнување на цените, но во каков тек на настани? Прво ја најавија мерката, потоа ја повлекоа, оставија период од 7-8 дена за продавачите на прехранабени производи да ги прилагодат цените, а некои дури и да ги зголемат и потоа ја имплеметираа таа мерка“,

рече Филипче.

На ставот дека владината одлука за замрзнување на маржите не носи резултати е и актуелната министерка за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска. Таа денеска изјави дека на владината седница на која се носела одлуката за ограничување на бруто-профитните маржи била против ваквата мерка и дека сè уште стои на овој став.

Според неа, мерката не може да вроди со плод зашто нема доволно стручни лица кои ќе можат да ги следат анализите и пресметките што се прават од надлежните институции или од инспекторите кога излегуваат на терен.

- Реклама -