Сиљановска Давкова: Уставен одамна требаше да го укине балансерот, и во Рамковниот пишува дека првиот критериум е стручност и компетентност

Уставниот суд требаше многу порано да ја донесе одлуката за укинување на балансерот, бидејќи администрацијата ни е болна и не мислам дека сме во безбедносна криза поради неговото укинување, истакна вечерва претседателката Гордана Сиљановска Давкова.

-Сите ги упатувам најпрво уште еднаш да го препрочитаат Охридскиот рамковен договор, бидејќи се повикуваат на изворот. Таму јасно пишува дека кога зборуваме за администрација и вработување првиот критериум е стручност и компетентност и велат дека покрај нив, треба да се почитува и основното начело на правичност и соодветна застапеност, рече Сиљановска Давкова во интервју на ТВ 21.

За неа лично, како што кажа, е спорен и самиот збор балансер.

-Терминот балансер ми е спорен, и инструментот. Што балансирате? Ако балансирате и стручност и компетентност и правична застапеност, тоа е во ред, посочи Сиљановска Давкова.

Нагласи дека е недозволиво луѓе да се пишуваат во друга националност, само за да добијат работа.

Прочитајте и:  Комплетиран новиот состав на Комисијата за помилување

-Не може да е занимање да бидете Македонец, Турчин, Ром, Влав и не може, ако треба да имаме соодветна застапеност, да се соочиме со еден феномен луѓето во еден ден, недела или во текот на една година да се декларираат така како што е курентно, зошто – за да бидат примени на работа, посочи Сиљановска Давкова.

Истакна дека поради балансерот администрацијата ни е болна.

-Директори, менаџери сите имаат,… дури до таа мерка станавме ние непрепознатливи или нестандардни што отворено после секои избори се кажува тоа и тоа амбасадорско место и припаѓа на таа партија, тоа директорско место. Ние немаме свест за противправност. Е сега Уставниот суд, бидејќи е чуварот на Уставот и законите не потсети на тоа, повикувајќи се со право на скринингот оти рентгенот покажува дека сме болни во поглед на администрацијата, порача Сиљановска Давкова.

- Реклама -