Совет на Европа: Македонците во Бугарија не можат да ги уживаат индивидуалните малцински права

Наспроти одредени позитивни движења во Бугарија во изминатите четири години поврзани со законодавството, пристапот до здравствена заштита и образованието, може да се забележи недоволен напредок во спроведувањето на претходните препораки на Советот на Европа за обезбедување ефективен пристап во остварувањето на правата на малцинствата во земјата, оценува Советодавниот комитет на Советот на Европа за Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства во своето шесто мислење за состојбите во Бугарија објавено денеска.

Комитетот дава препораки до бугарските власти за промоција на културите и јазиците на националните малцинства, негување доверба и меѓусебно почитување, како и подобрување на состојбата со ромското малцинство.

– Како и во претходните циклуси, лицата кои се идентификуваат како Македонци ја повторија својата долгогодишна желба да бидат заштитени според Рамковната конвенција, но бидејќи властите не го прифаќаат постоењето на објективни критериуми за нив, овие лица не можат да уживаат пристап до индивидуалните малцински права. Нивните долгорочни обиди да регистрираат здруженија кои ја промовираат македонската заедница не беа успешни, се наведува во документот.

Советодавниот комитет нагласува дека е потребно да се следи прагматичен пристап кон лицата кои се самоидентификуваат како Македонци, врз основа на принципот на слободна самоидентификација.

– Лицата кои се самоидентификуваат како Македонци, кои продолжуваат да бараат заштита според Рамковната конвенција, пријавиле до Советодавниот комитет дека сметаат оти некои активности на властите активно ги обесхрабруваат да се самоидентификуваат како етнички Македонци. До Советодавниот комитет беа пријавени случаи на напади за време на јавни настани, како и пречки за организирање протести и различни собири, порачува Комитетот.

Во извештајот се посочува и дека соговорници на Советодавниот комитет истакнале дека „не постои свест за значењето на малцинските права во бугарското општество и дека нема разбирање за националните малцинства како составен и ценет дел од Бугарија“.

– Соговорниците на Советодавниот комитет, исто така, известија дека недостигот на знаење за малцинствата во општеството се рефлектира во ограничено изучување на јазиците на малцинствата или за нивното историско присуство во Бугарија, нивните култури, традиции и истории, се додава во документот.

Во извештајот се посочува дека Европскиот суд за човекови права во 12 случаи против Бугарија поднесени од здруженија чија цел е заштита на интересите на македонското малцинство во земјата, утврди прекршување на член 11 од Европската конвенција за човекови права во врска со слободата на собирање и здружување поврзани со здружението ОМО Илинден и со одбивањата на националните судови да ги регистрираат здруженијата на жалителите.

Комитетот посочува дека Европскиот суд за човекови права оценил оти ваквите судски одлуки се неоправдани и претставуваат „непропорционално мешање во правото на слобода на здружување, меѓу другото, бидејќи здруженијата апликанти не се залагале за употреба на насилство или други недемократски средства за постигнување на нивните цели“.

– Судот исто така утврдил дека фактот што неколку од целите на здруженијата биле означени како „политички“ не е доволна основа за одбивање ја нивната регистрација, се вели во извештајот.

Комитетот посочува и дека шест од овие пресуди се под засилена процедура на надзор за нивното извршување од страна на Комитетот на министри на Советот на Европа повеќе од 17 години.

– Како општа мерка за имплементација во групата случаи на ОМО Илинден, Бугарија усвои измени на Законот за непрофитни правни лица и Законот за трговскиот регистар и регистарот на непрофитни организации, со кои се измени процедурата за регистрирање на НВО. Од јануари 2018 година, регистрацијата на НВО во судовите е заменета со управна постапка пред Националната агенција за регистрација. Во октомври 2020 година, Комитетот на министри на Советот на Европа усвои Привремена резолуција, барајќи од властите да усвојат законодавни или други соодветни мерки за да обезбедат поширока и поефикасна обврска за Агенцијата за регистрација да им дава упатства на здруженијата да ги поправат досиејата за регистрација. Во август 2021 година, Владата усвои патоказ за извршување на пресудите на Европскиот суд за човекови права, кој предвидува подготовка на законодавни или други соодветни мерки за да се обезбеди поширока и поефикасна обврска на Агенцијата да им наложи на здруженијата да ги коригираат нивните документи, каде што е објективно можно, се вели во документот.

Натаму се нагласува дека во декември 2022 година, Комитетот на министри изразил жалење поради фактот што и покрај усвојувањето на Привремената резолуција од 2020 година, на здруженијата кои имаат за цел да го постигнат признавањето на македонското малцинство и натаму рутински им се одбива регистрација, главно поради поширокиот проблем на неодобрување на нивните цели и тие се соочуваат со упорна практика од страна на властите да изнаоѓаат нови основи за одбивање.

– И покрај измените воведени во 2018 година со кои се менува процедурата за регистрација на НВО, Советодавниот комитет изразува жалење што оваа група случаи останува неимплементирана. Подеднакво жали од своите соговорници кои се обиделе да ги регистрираат нивните здруженија, дознава за голем број неодамнешни случаи кога Агенцијата за регистрација одбила да ги регистрира организациите на ОМО Илинден, а домашните судови ги потврдија тие одбивања. Советодавниот комитет се надева дека властите ќе ги почитуваат нивните меѓународни обврски со извршување на пресудите на Европскиот суд за човекови права и со тоа, исто така, ќе се усогласат со слободата на здружување, како што е предвидено во член 7 од Рамковната конвенција. Советодавниот комитет ги повикува властите да обезбедат дека лицата кои припаѓаат на различни заедници можат да ја користат слободата на здружување, како што е гарантирано со член 7 од Рамковната конвенција. Властите треба да обезбедат законодавни или други соодветни мерки кои ќе овозможат ефикасно да се регистрираат невладините организации што ги претставуваат малцинските заедници, се додава во документот.

Во извештајот дел е посветен и на односите на Бугарија со земјава во кој се нагласува дека од 2018 година во сила е Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу двете држави, кој има за цел „натамошно развивање на добрососедските односи, пријателството и соработката врз основа на почитување на основните принципи на меѓународното право за пријателски односи меѓу државите и за почитување на демократските принципи содржани во инструментите на Советот на Европа“.

– Договорот предвидува формирање на две комисии: експертска комисија за историски и образовни прашања и меѓувладина комисија. Првата комисија речиси и не постигна напредок, поради, како што беше информиран Советодавниот комитет од различни соговорници, различните погледи на историјата и различните историски наративи за процесите на градење нации и формирањето на држави, кои вклучуваат и наративи поврзани со постоењето на нациите и јазиците, се наведува во документот.

Комитетот посочува дека ова прашање е „ставено во контекст на интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ“, наведувајќи ги и договорите и програмите потпишани меѓу двете земји за соработка во областа на образованието, науката и културата.

Инаку, меѓу позитивните случувања забележани во Бугарија, се наведени законодавството за борба против говорот на омраза и кривичните дела поттикнати од омраза, напорите во однос на пристапот до образование, како и мерките за јавно здравје кои позитивно влијаат на пристапот на Ромите до здравствена заштита. Исто така, се поздравува и усвојувањето на „Националниот акциски план за борба против антисемитизмот (2023-2027)“ во октомври 2023 година и реставрацијата на синагогата во градот Видин.

– Сепак, политичката нестабилност во земјата од 2020 година директно и негативно влијаеше на севкупното спроведување на правата на припадниците на националните малцинства. Недостасува свест за малцинските права како составен дел на човековите права и потребни се напори за борба против предрасудите и стереотипите поврзани со малцинствата, се наведува во Извештајот.

Советодавниот комитет, воедно, ги повикува бугарските властите да обезбедат доволно, наменско и одржливо долгорочно основно финансирање за зачувување и промовирање на културите и идентитетите на лицата кои припаѓаат на националните малцинства, со посебен фокус на бројно помалите.

– Мора да се преземат дополнителни конкретни чекори за подобрување на знаењето кај мнозинското население за бугарските национални малцинства, со цел да се прифатат како составен и важен дел од бугарското општество. Се уште се потребни активни напори од страна на властите за борба против предрасудите и стереотипите кон малцинствата, посочува Комитетот.

Во извештајот се повикуваат властите и да го промовираат изучувањето на јазиците на малцинствата и изработката на образовни материјали на овие јазици, како и да се воведе школување за наставници на универзитетско ниво.

– Другите препораки вклучуваат употреба на јазиците на малцинствата во контактите со администрацијата и за време на изборните кампањи, како и потребата да се обезбеди тековно и ефективно учество на лицата кои припаѓаат на националните малцинства во процесите на донесување одлуки, се додава во извештајот. 

- Реклама -