Лајен ги повика Молдавците да гласаат на референдумот за членство во ЕУ

Претседателката на Европска комисија, Урсула фон дер Лајен при денешната посета на Кишињев ги повика Молдавците да гласаат на референдумот, на кој граѓаните треба да се изјаснат дали членството во Европска Унија како „стратешка цел“ треба да биде вметнато во Уставот на Молдавија.

Референдумот е закажан на 20 октомври, во истиот ден како и претседателските избори, на кои актуелната претседателка Маја Санду се кандидира за втор мандат.

– Народот на Молдавија се соочува со епохален настан … Ги повикувам Молдавците да го искористат својот глас и да ја изразат својата слободна волја … На вас, Молдавци, е да донесете одлука. Тоа е ваш суверен избор каде треба да оди вашата земја и никој не може да се меша во тоа, истакна Лајен, додавајќи оти местото на Молдавија е во ЕУ.

Санду истакна дека Лајен пристигнала во Молдавија во клучен момент.

Прочитајте и:  Фон дер Лајен спасила патник на лет за Брисел

– Нашата мисија е да ја градиме Европа дома, посочи Санду.

Таа додаде дека 65 отсто од извозот на Молдавија оди во ЕУ и тоа покажува „каде се стратешките интереси на земјата“.

Молдавија претпристапните преговори со ЕУ ги почна во јуни, а Санду се надева дека целта ќе биде постигната до 2030 година.

Молдавија е поранешна советска република, со 2,5 милиони жители лоцирана помеѓу Украина и Романија.

Санду остро ја осуди руската инвазија врз Украина. Односите на Молдавија со Русија се влошени изминатите години. Прозападната молдавска Влада ја обвинува Русија за обид за соборување и мешање во внатрешните работи. Додека Москва ја обвинува Санду дека поттикнува русофобија.

Анкетите покажуваат дека Санду е фаворит за победа на изборите и има убедливо водство пред останатите 10 кандидати. Испитувањето на јавното мислење, исто така покажуваат и дека мнозинството Молдавци се за членство во ЕУ.

- Реклама -