Министерот за јавна администрација Горан Минчев денеска одговорајќи на новинарско прашање во врска со укинувањето на „балансерот“ од страна на Уставниот суд, порача дека Министерството не навлегува во содржината на одлуките, туку истите ги спроведува и применува. Тој потенцира дека владината коалиција има политички капацитет да почне со дијалог за да се најде соодветно решение кое би било солгасно уставот, но е на ставот дека не треба да се брза, туку да се отвори широка и јавна дебата.
-Министерството за јавна администрација не ја коментира одлуката на Уставниот суд, исто како и во првиот случај кога беше донесена времена мерка за стопирање на примената на одредени одредби од два закони кои се однесуваат на јавниот сектор и на административните службеници. Така и сега, Министерството не навлегува во содржината на одлуките туку истите ги спроведува и применува. Првиот пат дадовме конкретни инструкции и насоки или пак упатство до сите државни институции, сега сепак би почекал да излезе комплетната содржина за оваа одлука од страна на Уставниот суд во службен весник и притоа би пристапиле кон реализација на истата, рече Минчев на денешната прес-конференција.
Според Минчев, правичната застапеност на ентичките заедници е многу важна уставна категорија. Но, останува на ставот дека не треба да се брза со содржината на евентуално ново решение.
-Мислам дека е подобро да се отвори широка и јавна дебата, во која што би се вклучиле сите заинтересирани страни, тука мислам на делот од владината коалиција, но исто така добра можност е да се повика и експертската и академската заедница со цел да се најде соодветно решение кое што ќе биде долгорочно, ќе биде солидно, ќе биде содржајно, и нема повторно да не доведе во ситуација на евентуална ваква одлука од страна на Уставниот суд, додаде Минчев.
Коментирајќи ја синоќешната прес-конференција на ДУИ, посочи дека оваа политичка партија треба да се занимава со реформи, но реформите да не ги насочува кон јавната администрација, туку кон себе.
-Во Националната стратегија за реформи во јавната администрација 2023/30 година, која што ја има донесено како одлука минатата Влада, иамме ситуација во која ДУИ како учесник во Владата, поддржала иницијатива во која што се констатира дека се надминува „потребата од примената на алатката балансер, која во пракса предизвикува бројни злоупотреби, а од друга страна останува примената на начелото и соодветната и правична застапеност на припадниците на заедниците“. Тоа значи дека Арбер Адеми вчера имаше прес-конференција против својот поддржувач кој што стоеше веднаш до него, кој во минатото беше дел од Владата – Крешник Бектеши. Би ја поздравил идејата на ДУИ да се занимаваат со реформи, но би им препорачал тие реформи да не ги насочат кон реформите во јавната администрација, туку кон себе. Да ја реформираат својата партија, затоа што единствените реформи кои што ги направија во минатиот мандат, се реформите на зголемување на контото на своите приватни сметки и реформите кои што се зголемување на стапката на криминалот. Треба да сфатат дека се опозиција, рече Минчев.
Прашан за коментар на изјавата на Халид Снопче од „Вреди“ дека веќе имаат подготвено драфт верзија на новиот Закон за етничка припадност која ќе ја поднесат во Собранието, Минчев рече дека не сака да коментира содржина која не ја видел. Но, повтори дека не сака избрзани решенија.
-Не би сакал да коментирам содржина која не сум ја видел. Во принцип не сум за избрзани решенија. Измените кои што треба да се однесуваат на правичната застапеност на етничките заедници се однесуваат на два закони/ кои се во надлежност на Министерството за јавна администрација. Идејата за потпишување на изјава на нотар за чувство на етничка или национална припадност, за мене е понижувачка. Добро е да легнат тензиите, со ладни глави, да се отвори широка дебата во јавноста, да се вклучат и експертите кои се во рамки на реформите на јавна администрација, да се вклучи академската заедница, со цел да се најде долгорочно, содржајно, соодветно решение кое ќе биде во рамки на Уставот, додаде Минчев.
Уставниот суд вчера на седница донесе одлука за укинување на „балансерот“ – алатката за вработување според национална припадност во државните институции. Претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски образложи дека одлуката на судот е донесена со мнозинство гласови и нема да важи ретроактивно. Манипулација, ги нарече, тврдењата дека Уставниот суд укинал права на заедниците.