9то издание на меѓународниот филмски фестивал „Киненова“ – „Што е прво – филмот или приказната?“

16 до 20 октомври ќе се одржи најновото, 9. издание на меѓународниот филмски фестивал „Киненова“, под мотото „Што е прво – филмот или приказната?“.

Фестивалот ќе биде отворен со македонскиот долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против галаксијата“ на режисерот Гоце Цветановски. Филмот во исто време е дел од главната натпреварувачка програма. Се работи за анимирана интергалактичка авантура која во исто време е алегорија за актуелните случувања во човештвото и нашата природа како и луди методи на решавање на проблемите, анимирана луда црна комедија која нема да можете да ја заборавите никогаш, истакна директорот на фестивалот Небојша Јовановиќ.

– Годинешниот фестивалски слоган е „Што е прво? Филмот или приказната?“ И да бидам актуелен, доследен на експозето, да го надградам и проширам истото тоа, па да кажам: Што е прво? Уметникот или институцијата од која ја добива поддршката? Фестивалот или неговите гости и филмовите, или ефектот што истиот тој го има на филмската дејност, на унапредувањето на филмското образование, и крајно на издигањето на општествената свест и нивото на културното живеење во државата? Што е прво, би прашал. Државата или граѓанинот? Прво е заедничкото или поединечното, индивидуалното? Или можеби обете? Звучи субверзивно. Да, знам – вели Јовановиќ.

Фестивалот, вели тој, е роден да биде субверзивен, критички ориентиран, контроверзен и провокативен фестивал, но не доволен сам на себе, туку со цел да биде ангажиран и во полза на општествените потреби и промени кон целокупниот интелектуален развој и созревање на општеството.

– Конечно, доаѓаме до она што беше наша примарна асоцијација и контекст од кој произлезе слоганот, а тоа е вечната борба на сценаристите и режисерите, кој е прв, кој е поважен и од кого почна сѐ. Сценаристот или режисерот, сценариото или визијата на режисерот? Да, борбата е откога постои филмот и ќе постои секогаш, без разлика дали некогаш од неа ќе произлезат длабоки и нерешливи конфликти или креативна дискусија што ќе даде нов квалитет и ќе го унапреди развојот на самото филмско дело. Значи, субверзивноста нема да недостига, не грижете се– вели Јовановиќ.

Игор Анѓелков, селектор на главната програма, предјубилејното издание на „Киненова“ зборуваше запрограмата на фестивалот.

– Живееме во постковид-времиња, кога сѐ е можно, па затоа решивме годинашниот фестивал да ни понуди еден фин микс од еклектични филмски жанрови, кои сепак ги поврзува една заедничка нишка – внатрешната човекова борба против најголемиот непријател, самиот себе, а потоа и против Другиот, непознатиот, оној што живее во злобниот паралелен универзум. Наш најчест фестивалски гостин се остварувањата од омилената иранска кинематографија. Колку и да ја обожаваме, сепак никако не можеме да прифатиме дека и понатаму оваа земја ги затвора своите чеда поради занимавање со филмската уметност и љубење на вистината. Во силното грчко остварување, пак, се соочуваме токму со моќта на филмот да ни раскаже приказна за чедоморството, кое кај нашиот јужен сосед се случувало сѐ до доцниот 20 век, пред да биде забрането со закон – истакна Анѓелков.

Традиционално, „Киненова“ претставува една непозната за нас земја и кинематографија преку програмата „Фокус на…“ Годинава тоа е за нас далечната северна и ладна земја, но, според филмовите што ќе се прикажат, доста потентна кинематографија – финската. На програмата се два феноменални филма од фински автори што во последниве години освоија значајни награди и го освоија вниманието на светските фестивали. Покрај класикот Аки Каурисмаки, новата генерација на фински синеасти започна да го освојува светот со своите интересни приказни од крајниот север на Европа.

„Киненова“ секоја година дава значаен и суштински придонес во надополнување на филмското образовани во државата, преку специјализирани работилници.

– Оваа година имаме автентична работилница за развој на идеи и сценарија за кратки филмови кои се засноваат или се инспирирани од реални случувања, конкретен настан или постоечки лик. Работилницата, низ специфичен и јасно дефиниран процес ќе ја води професорката, драматург и сценарист од Атина, Ерини Демирцаки, – вели Јовановиќ.

- Реклама -