Манифестација во ООУ „Мустафа К. Ататурк“ во Гостивар во чест на 11 Октомври

Во пресрет на 11 Октомври, Денот на народното востание на Македонија во гостиварското основно училиште „Мустафа Кемал Ататурк“ утрово се одржа свеченост со културно-уметничка програма, подготвена од учениците со нивните ментори.

„Овој важен датум од нашата историја нѐ потсетува на храброста и решителноста на македонскиот народ во борбата за слобода и правдина. На овој ден пред 83 години нашите предци се спротивставија на окупаторите обедединувајќи се против неправдата, да се борат за својата иднина. Не само што се бореле за физичка слобода, туку за правото на самоопределување, за достоинството и идентитетот на македонскиот народ.“, се истакна во воведниот дел од настанот.

Директорот на училиштето Нури Мазлами упати честитка по повод празникот, додека заменик директорката Марија Антиќ во своето обраќање го подвлече значењето на 11 Октомври за македонскиот народ и држава.
„Го чествуваме 11 Октомври не само затоа што е симбол на македонската борба за слобода против фашизмот, борба за самостојност и самобитност на македонскиот народ, туку и затоа што е темел на македонската државност. 11 Октомври е ден на кој секој Македонец треба да е горд, ден кој ни е оставен во аманет од нашите предци да нѐ потсетува на нашата должност, да го чуваме она за што тие го дадоа својот живот, за нашата татковина, за нашата слобода.“, рече Антиќ.

Културно-уметничката програма беше исполнета со рецитации, музички изведби, како и фолклорен настап подготвен во соработка со ГАКУД „Браќа Ѓиноски“.

Од одбележувањето беше испратена порака за вечна почит кон борците за слобода и негување на вредности на правда и мир:
„Денес им оддаваме почит на сите херои кои се жртвуваа, кои ги дадоа своите животи за подобра иднина за нас. Нивната храброст и непоколеблив дух заслужуваат да бидат инспирација за секого. Овој ден нѐ потсетува на единството и солидарноста, во времиња на предизвици мора да се обединиме и да работиме заедно за заедничките цели. Мир, напредок и правда за сите!. Оваа историска борба нека биде поттик за нас да продолжиме да се залагаме за правата на секој граѓанин“.

Денот на македонската борба 11 Октомври се одбележува во петок и е неработен за сите граѓани на Македонија.

Извор